Едно каче жива туршија „вреди“ злато

За едно буре од 20 килограми зелена туршија, граѓаните треба да издвојат над 1.800 денари, а со зачините и оцетот, неговата цена се приближува до 2.000 денари. Сепак, крајната сума може да се надогради доколку немате пластично буре за складирање, кое може да се најде единствено во земјоделските аптеки и во зависност од големината чини од 250, па сè до 1.100 денари

За едно буре од 20 килограми зелена туршија, граѓаните треба да издвојат над 1.800 денари, а со зачините и оцетот, неговата цена се приближува до 2.000 денари. Пресметката што „Слободен печат“ ја направи со важечките цени, може да се промени до крајот на неделата, бидејќи дел од зеленчукот што е потребен за оваа зимница е веќе при крај. Имено бурето го „наполнивме“ со 4 килограми карфиол, кој се продава по 200 денари, пресметавме и 4 килограми морков по 50 денари, 4 килограми корнишони по 70 денари, исто толку зелени домати што чинат по 70 денари и три килограми зелени пиперки, кои се продаваат по 80 денари.

За оние што сакаат луто, килограм феферони во моментот се продава по 100 денари. Сепак, крајната сума може да се надогради доколку немате пластично буре за складирање, кое може да се најде единствено во земјоделските аптеки и во зависност од големината чини од 250, па сè до 1.100 денари. Граѓаните се фрапирани од актуелните цени на зелените пазари и велат дека или ќе намалуваат во количина или годинава ќе ја прескокнат живата туршија. Иако е рано, на пазарите се појави и меката зелка, која се става за киселење и таа сега чини 70 до 80 денари за килограм. Пазарџиите велат дека има шанси таа да поевтини до ноември кога е крајниот рок за овој вид туршија.

– Редовно ставав зелена туршија и за мене и за децата. Годинава ќе го преполовам бурето. Лани карфиолот чинеше 30 денари за килограм, а оваа од 200 до 250 денари. И сите други потребни зеленчуци се прескапи за обичниот граѓанин – велат постарите домаќинки.

Пазарџиите што имаат сопствено производство велат дека сушата му пресудила на карфиолот, кој ем го нема доволно ем е прескап. Во Македонија има околу 4.000 хектари насадени со карфиол.

– Карфиолот се сади на 10 јули, а тогаш во земјава температурите беа околу четириесеттиот степен. Сè се исуши и родот е драстично намален – велат пазарџиите.

Со цените на црвената пиперка, лошо му се пишува и на ајварот. Ако сакате да ги бирате, ќе ве чинат од 60 до 100 денари за килограм, а на вреќичка што го содржи факторот изненадување (читај скапани и неупотребливи пиперки), може ќе поминете и со 40 денари за килограм. Како и да е, за десетина тегли ајвар ќе треба да издвоите над 3.500 денари сосе маслото за јадење и модрите домати. Нормално, за да се добие една голема тегла ајвар, се трошат 2 килограми пиперки, што значи дека ако едно семејство сака да произведе 20 тегли ајвар, ќе им бидат потребни 40 килограми пиперки.

Законот не дозволува да се прави ајвар пред зграда, што значи дека оние што ќе одат во внатрешноста, ќе мора да сметаат и на потрошениот бензин, а ако имаат соседи што живеат во куќа, треба да си донесат и дрва. Жените што се занимаваат со домашно производство веќе ја одредија цената на една тегла готов ајвар – 500 до 600 денари. Лани во просек едно македонско семејство изело по 2,6 килограми ајвар, вели статистиката. Едно просечно македонско семејство лани купило 1,1 килограми карфиол, 10,2 килограми моркови, 30 килограми зелка, 35,2 килограми пиперки, 3 килограми цвекло.

Кој не може да си направи туршија или ајвар, ќе си ги купува готови. Производството од фабриките од конзервна индустрија на годишно ниво е околу 80 милиони евра, но тие би можеле многу повеќе да се шират и да произведуваат ако се дозволи да увезуваат.

Наместо карфиол во светот се сади зелена салата

Карфиолот е прескап насекаде во светот. Површините под оваа градинарска култура се намалени во Шпанија, која е водечки производител, пренесува Фреш плаза. Неговата побарувачка далеку ја надминува понудата во Европа, а цените достигнуваат невидени нивоа. Клучниот фактор е сушата и недостигот на вода. Во Мурсија, Шпанија, долго време не врне дожд и има сè повеќе ограничувања за користење на водата за наводнување во главните области за одгледување.

Сувото и претерано топло време забележано за време на садењето, доведе до откажување одредени култури и намалување на приносите. Трошоците за производство значително се зголемени во последните години, па сè помалку се одгледува карфиол. Пад на продажбата на семето од овој зеленчук бележат и семенските компании. Многу фармери се префрлија на одгледување зелена салата поради профитабилноста, бидејќи бара помалку вода, помали трошоци и поголеми приноси.

Снабдувањето е ограничено и во француска Бретања, каде што бурите го оштетија родот. Таму една кутија карфиол чинела и до 30 евра.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот