Еден ќе плати, ама илјада други гости ќе разберат, нема заштита за странските туристи во земјава

Туристи во Скопје/ Фото: Слободен Печат/ Методи Здравев

Некои угостители во земјава се толку дрски, па воопшто не издаваат сметки, а кога им ја наплатуваат сумата на странците, домашните гости од соседните маси бурно реагираат. Од Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот со години бараат да се формира туристичка полиција и инспекција, која ќе овозможи сигурност во туристичкиот сектор

Во отсуство на туристичка полиција, македонските водичи се првата „борбена линија“ за странските туристи во земјава. Тие од нив добиваат рамковни цени за некои производи и услуги (како, на пример, колку чини пивото или која е цената на 1 километар во такси-превозот), како и совети дека треба да бараат фискална сметка и тука завршува нивната задача.

Некои угостители во земјава се толку дрски, па воопшто не издаваат сметки, а кога им ја наплатуваат сумата на странците, домашните гости од соседните маси бурно реагираат.

Последниот случај од минатата недела кога турска државјанка пријавила дека таксист во Скопје им побарал 2.500 денари за дестинација што била кратка, по што таа се побунила за износот, а таксистот насила од нејзината рака ѝ одзел 2.000 денари, а потоа ги истерал неа и сопатниците од возилото, не е единствен. Вакви и слични информации цело лето пристигнуваа од туристичкиот Охрид.

Туристичкиот работник Зоран Таневски за „Слободен печат“ вели дека странските гости немаат кому да се пожалат не само ако ги „одрале“ во ресторан, туку и за сите други непријатности што може да ги снајдат додека шетаат. Институциите не се свесни дека „еден ќе плати, ама илјада други гости ќе разберат, а тоа ни носи негативна реклама во секој смисла“, додава Таневски.

– Ние може само да ги советуваме и да ги предупредиме, оти и да ги ограбат или да им наплатат повеќе, гостите тоа треба да го пријават во полиција или во инспекција. Но, дали некој што е во земјава ден или два, има време да се занимава со вакви работи и да си го расипува одморот? Срамот останува, а лошата реклама се шири. Со години бараме да се формира туристичка полиција, како што постои во Хрватска, Италија, Мароко, Шпанија… Нашиот систем на неказнивост секаде функционира и тоа трае со години – реагира Таневски.

Има жалби и поплаки најчесто за дивите таксисти, споделува и Елвир Садиковиќ – Вили, потпретседател на Македонската асоцијација на туристички водичи и придружници МАТВП за нашиот весник. И тој вели дека освен предупредување, тие не може да ги советуваат туристите што и кого да избегнуваат, особено кога се во прашање рестораните и кафулињата.

– Последнава година туристите најмногу се жалат на нечистотијата. Дури и споделуваат на социјалните мрежи совети да се избегнува Скопје поради ѓубрето. Дел од нив кои биле во нашиот град порано, сега не можат да се изначудат колку не се води сметка за хигиената. Тука се и кучињата скитници, немањето јавни тоалети, неосветлениот центар и ситуацијата со патиштата. За ова не можеме и не смееме да имаме оправдување. Што се однесува до тресењето цени од ракав од страна на угостителите, јас препорачувам за поголем ангажман на пазарните инспектори, бидејќи оваа ситуација не е само во Скопје туку и во сите туристички места. Институциите не си ја вршат работата и тоа е главниот проблем – додава Садиковиќ.

Од Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот со години бараат да се формира туристичка полиција и инспекција, која ќе овозможи сигурност во туристичкиот сектор. Дел од надлежностите на туристичката инспекција би била контролата на работата на угостителите (ресторани, кафулиња, хотели, мотели, хостели, „брза храна“…), туристички агенции, туристички водичи, придружници, аниматори и други професионалци што даваат туристички услуги, како и контрола на ценовниците во локалите, издавањето на фактурите и на фискалните сметки за гостите.
Од 119 илјади туристи што во јуни ја посетиле земјава, дури една третина односно 40.403 престојувале во Скопје, покажуваат статистичките податоци.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот