Џулијан Асанж беше сослушан во Советот на Европа: Бев политички затвореник и избрав слобода наместо правда

Основачот на Викиликс, Џулијан Асанж | ФОТО - Жана П.Божиновска

Тоа што ми се случи мене, не смее да му се случи на никој друг, изјави Асанж додавајќи дека „се изјаснил за виновен затоа што барал информации од извор, затоа што добил информации од извор и затоа што ја информирал јавноста за тие информации“

Денес не сум слободен затоа што функционираше системот, денес сум слободен бидејќи по години поминати в затвор, се изјаснив дека сум виновен затоа што ја информирав јавноста за она што е вистина, за новинарство. За ништо друго не се изјаснив за виновен, изјави Џулијан Асанж на денешното сослушување во Советот на Европа во Стразбур.

– Ја избрав слободата наместо правдата – рече Асанж додавајќи дека тој себеси се смета за политички затвореник.

Ова е негово прво појавување во јавност и јавно говорење по излегувањето од затвор пред речиси три месеци. На сослушувањето, како што по речиси еден час призна и самиот, се појави уморен, во придружба на сопругата Стела Асанж и главниот уредник на Викиликс, Кристин Храфнсон.

Поддржувачи на Асанж во Стразбур / ФОТО : Жана П. Божиновска

Пред членовите на Комитетот за правни прашања и човекови права на Советот на Европа, тој го прочита своето воведно излагање, но рече дека сè уште не е целосно подготвен да зборува за она што го издржал.

– Изолацијата од неколку години во мала ќелија го зеде својот данок и се обидувам тоа да го надминам. Тоа ви го одзема чувството за самиот себе. Уште не сум сосема способен да зборувам за она што го поминав. Тоа што ми се случи мене не смее да му се случи на никој друг – изјави Асанж додавајќи дека „се изјаснил за виновен затоа што барал информации од извор, затоа што добил информации од извор и затоа што ја информирал јавноста за тие информации“.

Пред преполна сала во Советот на Европа, тој им се заблагодари на сите што се залагале за неговото ослободување и изрази надеж дека неговото сведочење ќе помогне да се истакнат слабостите на сегашните заштитни мерки и ќе им помогне на оние чии случаи се помалку видливи од неговиот. Тој притоа предупреди дека „криминализацијата на активностите за собирање вести е закана за истражувачкото новинарство насекаде“ и порача дека основниот одговор е едноставен: новинарите не треба да бидат кривично гонети затоа што ја вршат својата работа. „Новинарството не е криминал. Тоа е столб на слободно и информирано општество“.

Основачот на Викиликс, Џулијан Асанж | ФОТО – Жана П.Божиновска

Според него, слободата на говорот е на мрачна крстосница.

– Се плашам дека ќе биде предоцна ако институции како што е Парламентарното собрание на Советот на Европа не ја сфатат сериозноста на ситуацијата. Сите треба да го направиме својот дел за да осигуриме светлото на слободата никогаш да не згасне, дека потрагата по вистината и натаму ќе живее и дека гласовите на многумина нема да бидат замолчени поради интересите на неколкумина – објаснуваше тој.

На прашањето колку долга може да биде раката на американскиот правосуден систем дури и во Европа, и дали бил свесен колку малку се заштитени неговите основни граѓански права како и правата на новинар дури и во Европа, и за тоа како неговиот случај ќе има влијание врз новинарството, Асанж одговори дека „направиле анализа за увид во предностите и ограничувањата во Европа за објавување документи од голем број различни земји, вклучувајќи ги и САД“.

– Јасно ни беше дека Член 10 теоретски треба да ги заштити новинарите во Европа. Слично на тоа, гледајќи ги американските амандмани во Уставот и фактот дека ниту еден издавач не бил казнет за објавување доверливи документи од САД, и надвор и во САД, очекував некакво малтретирање, законски процес и без подготвен за тоа. Верував дека поради вредноста на овие документи, вреди таква битка и дека ние ќе победиме бидејќи ние знаевме што беше законски можно. Бев наивен што верував во законот. Каде што има сила, законите се само парче хартија и може да се толкуваат за политички цели – рече Асанж.

Тој се осврна и на американскиот Устав, кој бил поинаку интерпретиран во неговиот случај поради што тој стана најбаран човек, осомничен за шпионажа и издавање американски воени тајни.

– Во случајот со САД ние налутивме еден од уставните столбови на САД, разузнавачкиот сектор, безбедноста на државата и тајноста. Беше доволно моќно за да се спроведе реинтерпретација на Уставот на САД. Мене првиот амандман од Уставот на САД ми личи доволно црно-бело. Многу е краток и вели дека Конгресот нема да прави никаков закон со кој ќе се ограничи говорот или печатот. Но, се случија преседани и можеби ако дојдевме до Врховниот суд на САД и ако уште бев жив дотогаш во тој систем можеби ќе победев, зависно од шминката на американскиот Врховен суд. Во меѓувреме загубив 14 години на домашен притвор во амбасади под опсади и мислам дека ова е важна лекција: кога голема сила сака да го реинтерпретира законот, може да го поттикне државниот елемент, во случајот Министерството за правда, да го направи тоа и многу не се интересира за тоа што е законско, тоа го остава за подоцна. Во меѓувреме, застрашувачкиот ефект што го бара, повлекување од дејствата што ги бара, ќе имаат свој ефект – нагласи Асанж.

Педесет и тригодишниот Асанж помина низ 14-годишна одисеја, прво криејќи се во еквадорската амбасада во Лондон, за да заврши во затворот со максимално обезбедување во Белмарш, близу Лондон. Во јуни тој се врати во својата татковина Австралија, откако призна дека е виновен затоа што го прекршил американскиот закон за шпионажа. Пред да постигне договор со американското Министерство за правда, тој се соочуваше со 18 кривични обвиненија за објавување класифицирани информации и дипломатски преписки, за што можеше да добие казна и од 175 години затвор.

Поддржувачи на Асанж во Стразбур / ФОТО : Жана П. Божиновска

Асанж сега сѐ уште се бори за американско помилување за обвиненијата според законот за шпионажа. Но, претседателот Џо Бајден, кој ќе даде неколку помилувања пред заминувањето од Белата куќа, претходно го нарече Асанж „терорист“.

Основачот на „Викиликс“ се бори да ги сфати, како што рече, сите промени што се случиле во светот додека тој не бил „присутен“, почнувајќи од електричните автомобили, па до вештачката интелигенција.

Обраќањето и одговарањето на прашања, кое траеше околу еден час, Асанж го заврши со изјавата дека се чувствува уморен, што не беше тешко да се заклучи и по неговото говорење.

По неговото денешно сведочење, утре во Советот на Европа ќе има дебата и гласање за Нацрт-резолуцијата во која особено се истакнува барањето до САД да го сменат Законот за шпионажа.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот