Џабе ни се парите ако сме сè посиромашни

весна дамчевска
Весна Дамчевска. /Фото: Слободен печат

Бадијала ќе биде и растот на бруто-домашниот производ и растот на извозот ако народот станува сè посиромашен. Бадијала ќе бидат и бесплатно дадените инвертери, ако струјата стане изгор скапа.

Отфрлањето на стравот од инфлација ќе се покаже како голема грешка до 2023 година. Ова го констатираа на крајот од септември економистите на „Дојче банк“ и таа нивна процена се потврдува секој ден. На светските берзи растат цените на сите суровини – жито, метали, енергенси…

Во Македонија, како отворена економија, се пресликува светската берзанска состојба – секојдневно некоја фурна го поскапува лебот, по некое денарче повеќе „се лепи“ на производи што вообичаено си ги купуваме, а и оваа недела возиме со поскап бензин и дизел гориво отколку минатата недела. Згора на сè, како Дамоклов меч виси поскапувањето (засега само се најавува како сигурно) на струјата. Тука состојбата е повеќе од комплицирана – на светските берзи цената оборува рекорди, домашното производство заглавува со увоз на јаглен, постројките се стари…

Последните податоци за состојбата со инфлацијата, според Државниот завод за статистика, се однесуваат за септември и таа на годишно ниво изнесува 3,7 проценти. Народната банка веќе излезе со став дека проектираниот раст на инфлацијата за 2021 година (2,2 проценти) ќе доживее благи нагорни корекции. Новите прогнози уште не се соопштени, но се наведува дека е „нагласена неизвесноста и променливоста во движењето на светските цени на примарните производи, а пред сѐ на енергенсите, во следниот период“.

Всушност, нагорни корекции направија сите и секаде – од локалните статистичари до меѓународните монетарци. Се добива впечаток дека и врвните економисти овој пат беа затекнати од темпото на инфлација. Додуша, сите очекуваат да ја има, но дека ќе биде од краткотраен карактер и во помал обем. Сега ги зголемуваат бројките, а и го зголемуваат рокот во кој таа ќе го празни семејниот буџет на народот. Објаснувањето за ова се бара во нетипичните околности во кои се роди инфлацијата – од една страна пандемијата што предизвика „заклучувања“, затворање цели дејности, намалени приходи на фирмите, прекинати синџири на снабдување, а од друга, едно масивно интервенистичко вбризнување државни пари на страна на побарувачката.

Дефинитивно, инфлацијата е тука. И не е за потценување. Напротив, во земја во која сè уште платите се на опашката во споредба со земјите во Европа, а која е зависна од производите на европскиот пазар, инфлацијата е дури и поопасна за нашата, отколку за другите земји.

Клучното прашање е – што сега? Дали мора да се направи некаква интервенција  и на страна на понудата? На пример, замрзнување на некои цени. Многумина од компаниите, но и од научната фела се остри поборници против оваа идеја, секако со главниот аргумент во раце дека ние сме пазарна економија. Но, и Хрватска е пазарна економија, па реши да ги замрзне цените на бензинот. Секако, на располагање се и државните стоковни резерви, кои како можна опција за игра со цените ја најави и премиерот Зоран Заев.

По сè изгледа, нешто ќе мора да се прави. Бадијала ќе биде и растот на бруто-домашниот производ и растот на извозот, ако народот станува сè посиромашен. Бадијала ќе бидат и бесплатно дадените инвертери, ако струјата стане изгор скапа. Она што засега е извесно е дека ни претстои тежок период. Пандемијата ги загрозува животите на луѓето, а економските последици удираат по кревкиот стандард. За жал, тоа е неизбежно сценарио и сите заедно и секој поединечно – од компаниите во кои работат вработените, до челниците на државата мора да носат одговорни одлуки. Тешко стигнавме до нивото на сегашниот животен стандард, а многу е лесно да (про)паднеме. Под секое ниво.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот