Двојни давачки наместо еден клик

весна дамчевска
Весна Дамчевска. /Фото: Слободен печат

Не е проблем дигитализацијата, туку соработката и размената на информациите меѓу институциите. Решението веројатно е едноставно, ама дали тоа некому не му одговара?

Преку „Мое здравје“ можете лесно да пристапите и да ја истражувате вашата медицинска историја. Оваа апликација ја става моќта на информацијата директно во вашите раце. Она што го издвојува „Мое здравје“ е неговата беспрекорна интеграција со системот „Мој термин“, најави министерот за здравство Фатмир Меџити кон крајот на мај. Но „истражувањето“ на медицинската историја од страна на лекарите беше можно од поодамна. Пред две години, кога панично сфатив дека не може да си најдам еден важен извештај, лекарот ми рече да не се грижам и дека сите мои документи, каде и да сум била, се во компјутер, и љубезно ми го отпечати извештајот од сосема друг здравствен дом. Ми рече – најголемата придобивка на „Мој термин“ е сите прегледи на еден пациент да се на едно место.

Токму овие зборови ми се навратија на панел-дискусијата за парафискалните давачки, на која претседателката на Стопанската комора на информатички и комуникациски технологии Анета Антова Пешева рече дека секоја општина си тера по свое, па сега имаме „80 државички“ во една држава, а многу често и фирмите и граѓаните плаќаат двојни давачки. Решението за овој хаос, како и во здравството, веројатно е едноставно. Ама дали тоа решение некому не му одговара? Се сеќавате на електронските картичките за здравствено осигурување? Тие требаше да бидат сегашното „Мое здравје“. Јас уште ја имам картичката во паричникот. Онака, за да ме потсети одвреме-навреме колку пропаднати проекти имало и за што сè сме давале пари. Мојата картичка важела до 2013 година. Се сеќавам дека неколкупати ми ја побараа, но преку неа никогаш не заживеа достапноста на целата медицинска документација. Граѓаните плаќаа по 250 денари (пензионерите и невработените по 150), во 2016-та се реиздаваа, но ништо не се помести. Се најавуваше дека овој проект ќе го чини буџетот 7,5 милиони евра, пари што требаше да ги вратат граѓаните со плаќање на секоја картичка. А тоа е само еден од проектите за кои плаќаа граѓаните директно или преку буџетот.

Со свежи сеќавања на оваа лакрдија и во време кога научивме, сакале или не, во сè да гледаме корупција и нечија задна намера, прашањето е многу легитимно: кој и зошто сака во Македонија да има евидентирани 377 парафискални давачки, секоја општина да си биде своја држава, секоја институција сама за себе? Во такви услови, ефикасноста на јавната администрација паѓа во вода, дури и да ги имаме и највредните и најпаметните административци. Сè е бесмислено ако не се најде јунак да стави крај на безредието.

Поразително звучи кога ќе се чуе дека дигитализацијата на документите не е проблем, туку соработката и размената на информациите меѓу институциите, на што сме сведоци. Кога ќе почине некој од семејството, институциите не им даваат време на блиските ниту да тагуваат од обврски. Треба да трча во Фондот за ПИОМ за да ја прекинат пензијата, па да дадат изјава за укинување нега од трето лице ако покојниот бил корисник, да затвораат сметки по банки… Секако, откако ќе извадат умреница.

Со децении зборуваме за дигитално општество. Имаме и Министерство за информатичко општество и јавна администрација. Јасно е дека ИТ-секторот е „тенка“ страна во институциите. Очекувано е ИТ-инженерите дека ќе преферираат да работат приватно, со оглед на примањата, но и овој проблем може да се надмине со ангажман на приватна фирма како „аутсорсинг“ услуга. Може да се поврземе и да функционираме беспрекорно. Како може со еден клик да се плати сметка, така може и институциите да направат со еден клик меѓусебно поврзување, врвни услуги, достапни цени, единствени ценовници…  Може и истите закони да важат насекаде, а не да имаме општини со нула или само со неколку проценти платен данок на имот. Можеше ЕВН досега да ги автоматизира струјомерите, па со еден клик да се менува скапата или евтина тарифа, како што ќе нареди Регулаторната комисија за енергетика, место тоа да го прават со месеци, што и ќе се случи наскоро кога ќе се врати дневната евтина тарифа.

Што сè може, а не се прави со дигитализацијата, може да се напишат страници и страници. А, токму и тие примери се едни од причините за што младите ни бегаат од земјава. Не е само до платите.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот