ДУИ чека наредба од Ахмети за протести пред Собрание и пред Влада

Али Ахмети, претседател на ДУИ Фото: Фејсбук Ахмети

Ахмети го  ангажирал авторот на Рамковниот договор, Пол Вилијамс, да подготви платформа за легитимитетот, зашто ВМРО-ДПМНЕ „или не го прочитала или Рамковниот договор го чита по свое“.

Протести пред Собрание, Влада и други институции, платформа за легитимитетот од автор на Рамковниот договор, со закон да се уреди формирањето на владата и повторно активирање на предлог-законот за ветинг е дел од стратегијата на ДУИ која се очекува да стартува од септември, потврди за „Слободен печат“ висок партиски функционер.

Лидерот на ДУИ, Али Ахмети, од собирот на сите партиски структури изминатиот викенд, во Гостивар, порача дека ДУИ и Европскиот фронт не се откажуваат од тоа дека е нивен легитимитетот да бидат дел од Владата како победничка коалиција и дека за легитимитетот и за достоинството ќе водат битка во секоја населба и институција. Интегративците ќе чекаат наредба од Ахмети кога ќе почнат со акцијата за одбрана на легитимитетот. На состанокот, ДУИ донесе три резолуции, и тоа: за легитимитетот, за Охридскиот, Преспанскиот, Договорот за добрососедство и измени на Уставот, како и за дејствувањето на партијата.

Али Ахмети, претседател на ДУИ Фото: Фејсбук партија

 

Извесен Пол Вилијамс ќе подготвел платформа

Претседателот на ДУИ од состанокот порача дека ќе почнат со собири во секое маало, од секој огранок и дека ќе излезат пред институциите за да го изразат своето незадоволство за, како што рече, кражбата на легитимитетот. Ахмети го ангажирал авторот на Рамковниот договор, Пол Вилијамс, да подготви платформа за легитимитетот. Според Ахмети, ВМРО-ДПМНЕ или не го прочитала или Рамковниот договор го чита по свое, затоа авторот на договорот треба да подготви платформа за легитимитетот. Засега не е одлучено дали документот прво ќе биде доставен до партиските тела или до институциите и меѓународните претставници и партиите во земјава.

Јавноста нема многу познавања за учеството на Вилијамс во подготовката на Рамковниот договор. Истурени играчи за Рамковниот беа лидерите на ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ, ДПА и ПДП Љубчо Георгиевски, Бранко Црвенковски, Арбен Џафери и Имер Имери, под покровителство на тогашниот претседател на државата Борис Трајковски, како и меѓународните олеснувачи Џејмс Пердју и Франсоа Леотар. За Вилијамс може да се најде податок дека е професор по право и меѓународни односи на Американскиот универзитет во Вашингтон. Во биографијата на „Википедија“ е запишано дека Вилијамс им помогна на дваесетина држави и субјекти во големи меѓународни преговори за мир, изготвување на законодавство и планирање политики. Како што се наведува, тој учествувал како претставник во преговорите за Дејтонскиот договор (Босна и Херцеговина), Договорот од Рамбуе и преговорите во Париз (Косово), преговорите за Охридскиот договор (Македонија) и преговорите Подгорица – Белград. Исто така, се посочува дека Вилијамс советувал десетина влади и партии во Африка, Азија и Европа.
За дваесетгодишнината од Рамковниот договор, тогаш првиот вицепремиер Артан Груби најави „присуство на авторот на оригиналниот нацрт на документот за Охридскиот договор, американскиот адвокат Пол Вилијамс.

ДУИ претседателство
Фото: партија

Ахмети посочи дека средбата на сите структури на ДУИ ја свикал во вонредна ситуација за случувањата во државата и за чекорите што треба да се преземат

– Повторно ја нагласуваме потребата од проактивен пристап на главните меѓународни сили кои го гарантираа мирот со поддршката на Охридскиот договор и нагласуваме дека еден од главните постулати кои произлегуваат од договорот е токму заштитата од мајоризација која се поткопува преку дозволување и овозможување на учество во Владата на коалицијата која не победила и која не ја одразува политичката волја на Албанците во Република Северна Македонија и како таква ја претвора Владата во влада без етнички легитимитет – вели Ахмети.

Тој додал дека имал средба со авторот на Рамковниот (Вилијамс) и дека тимови на ДУИ подготвуваат закон за формирање влада. Според функционери на ДУИ, законот ќе треба да прецизира дека мандатарот со победникот кај Албанците формира влада. Според Ахмети, тоа мора да се случи бидејќи „не знаат да го читаат Охридскиот договор.

– Ние не го оспоруваме легитимитетот на ВМРО, но оваа власт нема етнички легитимитет. Ќе добиете директиви за собири и состаноци од локалните совети до институциите за да го изразиме нашето незадоволство, и пред Собранието и пред Владата. Ова ќе почне кога ќе добиете инструкции. Партиските органи ќе ги пренесат сите материјали до локалните и меѓународните институции, оправдувајќи го легитимитетот. Сме биле во битки, во војни, политички и дипломатски битки, нескротливи сме и за чекорите што ќе ги преземеме за враќање на легитимитетот – вели Ахмети.

Според сценариото, пратеничката група на ДУИ повторно во Собранието ќе го предложи законот за ветинг на политичари, пратеници функционери во институциите, судии и обвинители.

– Има многу работа пред нас, но ние, какви што бевме нескротливи, ќе бидеме немилосрдни до целосна победа – им порача Ахмети на сопартијците.

Коалиција Вреди Фото: Вреди

Вреди со амбиции да прераснат во регионално политичко движење

Коалицијата Вреди, пак нема намера да ѝ го отстапи на ДУИ легитимитетот да биде во Влада и изминатиот викенд најави обединување на Алијансата, Беса, Демократско движење и на Алтернатива, со цел да прераснат во регионално политичко движење кое фокусирано ќе ги адресира потребите на Албанците преку спроведување на реалполитички чекори. Вреди формира координативно тело кое треба да ги интегрира четирите партии.

– Ние ги слушаме барањата и очекувањата на гласачите. Нивната волја е Вреди да стане симбол за сенародно обединување на Албанците. Затоа, најавуваме дека следен чекор е промоција на коалициска комисија за прашања на изборите, именувањата и надзор на спроведување на политиките, потоа заедничка веб-страница, коалициски канали за комуникација на новите медиуми, заеднички центар за комуникации со јавноста и назначување на портпарол на коалицијата – велат од Вреди.

Арбен Таравари оцени дека опозициската ДУИ дејствува агресивно и ја повика да им дадат 100 дена па потоа да критикуваат.

Арбен Таравари, Вреди Фото: Таравари Фејсбук

– Имаше собир на ДУИ во Гостивар и искрено изгледот на господинот Ахмети е разочарувачки и депресивен, меѓутоа треба да се навикнат полека. Јас ги охрабрувам да бидат позитивна опозиција, да бидат како што им прилега. Уште сметам дека господинот Ахмети е паметен човек и ќе знае да работи убаво во опозиција. Јас им посакувам добри опозициски денови и здравје – рече Таравари.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот