Државата уште ги нема вратено 2,2 милиони евра злоупотребени преку „Еразмус Плус“ програмата

Националната агенција за европски образовни програми и мобилност уште ги нема вратено 2,2 милиони евра, пари од програмата „Еразмус Плус“ за кои Европската канцеларија за борба против измами (ОЛАФ) побара да бидат рефундирани во касата, затоа што биле злоупотребени во периодот од 2016 до 2018 година.

Директорот на Националната агенција Марко Ѓоргиевски, за „Слободен печат“ изјави дека се чека формирањето на нова влада, а дека во периодот на техничката влада исплатата нема да биде извршена.  Тој уверува дека барањето за враќање на 2,2 милиони евра нема да влијае на тоа фондовите за „Еразмус Плус“ да се намалат наредната година.

Тоа го потврди и амбасадорот на Европската Унија во земјава Дејвид Гир, кој истакна дека очекува Националната агенција да ги спроведе препораките дадени од ОЛАФ за „Еразмус Плус“. Меѓутоа, враќањето на 2,2 милиони евра средства од државниот буџет сепак ќе влијае врз граѓаните, кои наместо да добиваат услуги од буџетот, ќе плаќаат за злоупотреби.

– Во согласност со стандардните процедури не коментираме за одлуки донесени од ОЛАФ. Тоа е телото на Европската Унија за истражување измами. Очекуваме од Националната агенција за „Еразмус Плус“ во Македонија да ги испорача сите препораки дадени од ОЛАФ. Продолжуваме да имаме доверба во работата на Агенцијата за „Еразмус плус“, што значи дека остануваме убедени дека буџетот определен за „Еразмус Плус“ нема да се намали. Програмата ќе остане придобивка од која корист ќе имаат учениците, студентите, младите и универзитетите, изјави евроамбасадорот Гир неодамна. 

Скандалот пукна кога генералниот директорат за образование млади, спорт и култура на Европската комисија, согласно извештајот на ОЛАФ, на 30 ноември 2023 по е-пошта прати известување до Националната агенција за европски образовни програми и мобилност во Северна Македонија со барање за поврат на парите. Во март Агенцијата прими известување и дека одлуката е конечна.

Во земјава Јавното обвинителствоза гонење организиран криминал и корупција води предистрага за овие пари, откако екс директорката на Агенцијата Лидија Димова, поднесе кривична пријава против дваесетина физички и правни лица, со наводи дека формирале мрежа со цел парите од „Еразмус Плус“ да завршат само во две правни лица. Медиумот „Нота“ објави дека првопријавениот од кривичната пријава што Димова ја поднела, уште добива пари од Агенцијата преку „Еразмус Плус“ програмата.

-Почнав да истражувам. Веднаш сфатив дека сите од Македонија оделе на размена во 5 места во Европа. Тоа беше многу чудно. Кога видов дека голем дел од парите одат на исти места, во „братството и единството“, пријавив во Брисел. Почнавме да одиме во проверки во Бугарија во хотелите каде се правеа настаните. Утврдивме двојна злоупотреба. На пример, во еден ист хотел се случуваат истовремено 3-4 настани од „Еразмус“, еден финансиран од македонската Национална агенција, другиот од бугарската. Се извлекуваат пари од две национални агенции за еден ист настан. Поразително беше што сфатив дека 70 проценти од вкупниот буџет на Македонија се слева во само две организации. Самата кривична пријава има 23 лица, училишта, факултети, меѓутоа главната измама се состои во тоа што две фирми пишуваат проекти на сите овие ентитети, тие се одобруваат од Националната Агенција преку нивни евалуатори, па парите одеа во училиштата, кои пак на јавни набавки ги доделуваа овие пари во целост, до денар на двете фирми. Практично, парите наместо да завршат во некое училиште, завршуваа кај овие два економски оператори, изјави Димова.   

Во меѓувреме, Националната агенција пратила барање и до Управата за финансиска полиција при Министерството за финансии за информации во врска со извршените проверки на ОЛАФ.

– Од таму нѐ информираа дека до Управата за финансиска полиција е пристигнат извештај од ОЛАФ и дека тој е доставен до надлежен обвинител од Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција. Во март Националната агенцијата доби известување за конечноста на одлуката за поврат на средства од имот за борба против измами од Генералниот директорат за образование млади, спорт и култура согласно извештајот на ОЛАФ, вели директорот Ѓоргиевски.

„Европски пари за фризерница“ било „ветер и магла“: ОЛАФ и Обвинителството ги одмрзнаа парите за проектите на Зоран Златковски

ВИДЕО | Лидија Димова: Ме распнаа, а Владата на СДСМ молчеше

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот