Дрвјата низ Скопје можат да се кастрат и сечат само со решение, усните наредби не се „важат“

Фото: Фејсбук на Невена Георгиевска

За секоја интервенција врз дрвјата и тоа не само за сечење, туку и за кастрење гранки и пресадување, Секторот за комунални работи при Град Скопје мора да издаде решение, кое потоа екипи на ЈП „Паркови и зеленило“ треба да го спроведат во рок од 30 дена. Решението граѓаните можат да го обжалат во рок од 15 дена.

Во Скопје никој не смее да исече дрво ниту во сопствениот двор без дозвола, а особено не дрво засадено на јавна површина. За секоја интервенција врз дрвјата и тоа не само за сечење, туку и за кастрење гранки и пресадување, Секторот за комунални работи при Град Скопје мора да издаде решение, кое потоа екипи на ЈП „Паркови и зеленило“ треба да го спроведат во рок од 30 дена.

Донесените решенија од почетокот на годинава се објавуваат на веб-страницата на Град Скопје и може да ги види секој граѓанин, кој исто така има право во рок од 15 дена да го обжали решението пред Министерството за животна средина. Притоа, дрвјата што се стари и исушени, се обележуваат со буквата Ц со црвен спреј, а оние што се за кастрење со К.
Вака стојат работите правно и на хартија, но деновиве граѓани и активисти алармираа дека на булеварот Партизански одреди се исечени две дрвја, за кои не е издадено решение за сечење. И навистина во објавените решенија во последните неколку месеци нема решение ниту за кастрење, ниту за сечење дрвја на овој булевар.

За ова јавно објави Невена Георгиевска, еко-активист и независен советник во Советот на Општина Карпош, која објасни дека од екипите на терен побарала решение за сечата, но добила одговор дека тоа се прави по наредба на градоначалничката Данела Арсовска.

На објавата експресно со соопштение се огласија од ЈП „Паркови и зеленило“, кои тврдат дека станува збор за дезинформации и невистини. Оттаму посочуваат дека во Скопје се спроведува голема акција за уредување на градското зеленило, што подразбира садење нови дрвја, но и кастрење суви гранки и отстранување стари и суви дрвја, кои претставуваат опасност за безбедноста на граѓаните и нивниот имот. Во тие рамки се и активностите на булевар Партизански одреди. Како што тврдат, сите активности биле реализирани согласно утврдени процедури и врз основа на решенија од Град Скопје.

Но, прашањата од „Слободен печат“ кога точно е издадено решение за сечење на двете дрвја на Партизанска, која е причината поради која се исечени дрвјата за кои граѓаните тврдат дека биле здрави и дали со акцијата за уредување на јавното зеленило ќе се сечат уште стебла – останаа без одговор од ЈП „Паркови и зеленило“.

Фото: Фејсбук на Невена Георгиевска

Граѓани исто така информираат дека долгогодишни дрвја се кастрат до соголување, дека таков е случајот на улиците Рузвелтова, на Димитрија Чуповски, на булевар 11 Октомври и на други сообраќајници низ градот. Во објавените решенија на Град Скопје за сечење и кастрење во изминатите два месеца има само едно решение за сечење една исушена дудинка и решение за сечење на високиот врв на едно дрво од видот софора во септември. Дали тоа значи дека сепак за акцијата што ја презема Град Скопје, а на терен ја спроведува ЈП „Паркови и зеленило“, не се потребни решенија?

 Ова не е кастрење, дрвјата се соголуваат, останува само стеблото на дрвото. Нели има стручна фела, земјоделски инженери да кажат како се кастри дрво за да може да се развива понатака. Тоа што се прави во оваа акција е сѐ само не хуман пристап кон зеленилото. Ако се дозволи да продолжи ова, и тие што се малку ќе се исушат.

И на булевар 11 Октомври од страната на Зелено пазарче дивите костени ги искастриле за гревота. Децениски дрвја се оставени со 3-4 гранки!

Улицата Димитрија Чуповски од раскрсницата кај Кузман студентскиот дом до раскрсницата кај „Палома Бјанка“ ги масакрираа дрвјата, изгледот на улицата го сменија. И тоа сечеа на ден празник 23 октомври. Решение гледам нема. Не знам дали е пријавено некаде. Што можам да направам?

Ова се само дел од коментарите на загрижени скопјани по социјалните мрежи за резултатите од акцијата која се спроведува врз зеленилото, а за што нема никакво објаснување од Град Скопје.

Горјан Јовановски советник во Советот на Град Скопје од „Зелен хуман град“ ги упатува граѓаните како да постапат кога ќе видат екипа која интервенира врз зеленилото. Најпрво, како што вели, треба да проверат дали дрвјата се маркирани со црвен спреј со К или С, потоа да проверат дали има решение за интервенција на таа локација, а доколку има да се провери дали е важечко или „истечено“, а доколку нема решение, да се побара работите да запрат и да се пријави Инспекторатот на Град Скопје на дежурниот телефонски број 072 898 898.

Но, Јовановски упатува и неколку клучни совети до граѓаните.

 Документирај го со слики и видеа процесот за да имаш докази. „Имаме усна наредба“ не значи ништо. Само Секторот за комунални работи со решение (со потпис и печат) важи, ништо друго. Не предизвикувај инциденти со физички и вербални пресметки. Ако се чувствуваш загрозено, побарај полициска асистенција на 112 – советува Јовановски.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот