Драстичен раст на сиромаштијата во Аргентина по само шест месеци власт на популистот Милеј

Wikimedia

Стапката на сиромаштија во Аргентина пораснала од 42 на 53 отсто за време на првите шест месеци на власта на претседателот Хавијер Милеј, соопшти националната статистичка агенција. Овој голем пораст ги одразува последиците на најинтензивната програма на штедење во поновата историја на земјата.

Владиниот извештај дека полугодишната стапка на сиромаштијата во оваа година го достигнала највисокото ниво од 2003 година, кога Аргентина беше погодена од катастрофален банкрот и девалвација на валутата, претставува голем удар за десничарскиот популист Милеј.

Странските инвеститори и Меѓународниот монетарен фонд, на кој Аргентина му должи 43 милијарди долари, досега ја поздравуваа неговата контроверзна фискална шок-терапија, која успеа да ја намали месечната инфлација во земјата на 25,5 отсто во декември минатата година на 4,2 отсто во последните месеци.

Инфлацијата во Аргентина, која сега изнесува повеќе од 230 отсто годишно, е една од највисоките во светот. Очекувајќи негативни вести неколку часа пред објавувањето на извештајот за сиромаштијата, портпаролот на Милеј се обиде да го ублажи ударот со долга конференција за новинарите, наведувајќи дека „владата наследила катастрофална ситуација“.

За разлика од претходните влади кои одржуваа висока потрошувачка на граѓаните по цена на масивен буџетски дефицит, Милеј ја укина контролата на цените, ги намали субвенциите за енергија и транспорт, и го девалвираше пезосот за 54 отсто во декември откако ја презема должноста.

Мерките за штедење и дерегулацијата доведоа до остар пад на куповната моќ и ја турнаа економијата во длабока рецесија. Милеј, политички циркузант кој борбата против вртоглавата инфлација во Аргентина ја претстави како главно ветување на кампањата, смета дека, ако неговата влада успее да ги стабилизира цените, растот ќе се врати и ќе се случи чудесно опоравување.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот