Донации за Токсикологија „отровни“ по буџетот: Вкупно 420 скатули антибиотик ќе завршат во Дрисла

Бесија Иљази / Фото: ''Слободен печат'' / Драган Митрески

На Клиниката за токсикологија биле донирани 420 скатули од антибиотикот „сумамед“ кој имал само два месеци додека да му истече рокот на траење и сега треба да се уништи на сметка на болницата која и онака е сиромашна, тврдат за „Слободен печат“ извори од клиниката. Наместо да се распределат скатулите во болниците во целата држава, завршиле само на Клиниката за токсикологија, каде што за два месеци немало шанса да се искористат. Имало и голема количина медицински јаглен исто така со истечен рок кој исто така треба да се уништи.

Инспектори на Фондот за здравство веќе повеќе од еден месец ја чешлаат работата на Клиниката од претходните раководства, а нивниот финален извештај од работата се очекува за неколку денови.

Во меѓувреме „Слободен печат“ дознава дека во Клиниката имало сомнителни јавни набавки, сомнежи за преплатени реновирања на простории, но и цела соба полна со дезифициенси и брзи тестови за ковид чиј рок исто така е истечен, па и нивното уништување ќе предизвика финансиски импликации за Клиниката.

Според нашите информации, реновирањето чинело 120 илјади евра, но има сомнеж дека реалната вредност е неколкукратно пониска.

Обвинителството во меѓувреме поднесе обвинителен предлог против поранешната економска директорка на Клиниката, Бесија Иљази поради кривично дело „злоупотреба на службена положба и овластување“.

Иљази е обвинета дека во својство на организациска директорка на Клиниката за токсикологија, ги пречекорила своите службени овластувања за да овозможи противправна имотна корист за 17 лица со договори на дело.

Спротивно на Законот за спречување корупција и судир на интереси, Изборниот законик и Законот за здравствена заштита, во мај склучувала договори за дело со лицата за нивно работно ангажирање и ретроактивно им исплаќала плати.

На списокот додавала и лица со кои воопшто не бил склучен договор за дело и на кои исто така им се исплаќал надомест за наводно извршени работи. На овој начин буџетот на Клиниката бил оштетен за сума од 659.781 денар, а болните де факто биле во рацете на персонал кој немал право на договор.

Инаку, овие 17 лица, според информации на „Слободен печат“ биле работно ангажирани со години на Клиниката. Како доаѓале нови директори, така со нив доаѓале и по неколкумина што требало да се згрижат на платниот список. Но, еден месец пред промената на власта, стручниот колегиум на Клиниката одлучил дека овие лица не се потребни за функционирањето на Клиниката со исклучок на биологот потребен во токсиколошката лабораторија.

Она по коешто ќе остане запаметена оваа Клиника е тоа што еден од вработените со спорните договори на дело, призна на камера дека кај колегата лаборант прашал дали може да му направи услуга и при тестирање на негов пријател, урина во која имало наркотици да ја замени за чиста урина.

Кога за директор на Клиниката беше поставен професор доктор Андон Чибишев, тој најави дека инспекции ќе ги проверуваат минатите години директорување на неговите претходници. Чибишев на прес-конференција рече дека ќе раководи со клиниката без реваншизам кон неистомислениците, но и со чисти сметки.

Замина Бесија Иљази, а со неа и 18-те „договорци“ на „диво“ од Токсикологија – сега влегува финансиска полиција, а директорот Чибишев ветува крај на „каубојските“ вработувања

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот