Доларот ослабе во однос на еврото

Пари долари
Фото: Pexels/Karolina Grabowska

На светските берзи минатата недела курсот на доларот во однос на јапонската валута достигна ново највисоко ниво во последните речиси 40 години, додека во однос на еврото падна.

Индексот на доларот, кој ја покажува вредноста на американскиот долар во однос на шесте најважни светски валути, на крајот на неделата беше речиси ист како и претходната недела, 105,85 поени.

Истовремено вредноста на доларот во однос на европската валута падна за 0,2 отсто, па цената на еврото достигна 1,0713 долари.

Но, курсот на доларот порасна во однос на јапонската валута, за 0,65 отсто, на 160,85 јени.

На половина од неделата цената на доларот достигна 161,27 јени, што е највисоко ниво од 1986 година.

Затоа јапонските финансиски власти предупредуваат дека би можеле да интервенираат во случај на прекумерно слабеење на јенот.

Курсот на еврото во однос на јапонската валута достигна највисоко ниво во историјата, 172,38 јени.

Инвеститорите беа фокусирани на минатонеделните податоци за инфлацијата. Инвеститорите беа изненадени од порастот на инфлацијата во неколку земји, меѓу кои Австралија и Канада.

Долго време на пазарите се сметаше дека циклусот на зголемување на каматните стапки во светот е завршен и дека следува олабавување на монетарната политика.

Сепак, растот на инфлацијата во Австралија и пораката од тамошната централна банка дека на последната седница се разговарало за зголемување на каматните стапки, предизвика шпекулации за дополнително заострување на монетарната политика.

Со нетрпение се чекаше извештајот за инфлацијата во САД. Податоците објавени во петокот покажуваат дека цените пораснале за 0,1 отсто на месечно ниво, а за 2,6 отсто на годишно ниво.

Ова е нешто пониска инфлација од еден месец претходно, но тоа не влијаеше значително на очекувањата за каматните стапки на американската централна банка.

Лидерите на ФЕД веќе подолго време велат дека инфлацијата се уште е значително над целното ниво од околу 2 отсто и проценуваат дека е можно едно намалување на каматните стапки до крајот на годината.

На пазарот се шпекулира дека ФЕД двапати ќе ги намали каматните стапки пред крајот на годината, почнувајќи од септември.

Бидејќи ФЕД ќе ги намали каматните стапки подоцна од очекуваното на почетокот на годината, додека Европската централна банка веќе започна циклус на олабавување на монетарната политика, доларот во вториот квартал зајакна за 0,7 отсто во однос на еврото.

Во однос на јапонската валута, курсот на доларот во изминатиот квартал скокна за речиси 6 отсто.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот