ДОКУМЕНТИ: Ганц нови хируршки сали во ГОБ „8 Септември“ останаа само желба

Хаваријата со компресорската станица во Клиничкиот центар „Мајка Тереза“ и поројните дождови што оваа недела ги поплавија дел од операционите сали во ГОБ „8 Септември“ се доволен аларм за пациентите дека нивните операции можеби ќе почекаат, особено ако не се итни. Но, со дождот и поплавата на оперативниот блок во ГОБ „8 Септември“ испливаа на површина и проектите кои чекаат уште од јули 2018 година. Уште тогаш  здравствените власти биле свесни за состојбата со хируршкиот блок во ГОБ „8 Септември“, покажуваат документите до кои дојде „Слободен печат“ затоа што тогаш првпат  во Министерството за здравство бил понуден проект за целосно реновирање на оперативниот блок, кој никогаш не бил спроведен.

Во проектот зацртани биле нови хируршки сали, нова просторија за интензивната нега со 16 кревети, простории за персонал и администрација, придружни простории и технички простории. Овој план наместо да се реализира, остана само желба, а инфраструктурно оперативниот блок остана да биде тој од 1972 година кога е изградена самата зграда.

Неделава третиот кат во болницата беше поплавен од поројните дождови. Проектот фаќа прашина во Министерството за здравство и ниту еден од минатите министри за здравство, иако знаеле за очајната состојба во зградата, не распишал тендер.

„Слободен печат“ дојде до документите кои покажуваат што се планирало и не се извело последните 6 години.  Ангажирана била и фирма да направи анализа како да се оптимизираат и максимално да се искористат постоечките ресурси, но нивниот проект остана само на хартија, а пациентите останаа без операции, со одложени хируршки интервенции, додека министрите бараат одговорност.

ГОБ „8 Септември“ има итна потреба од нови хируршки сали и интензивна нега во постоечкиот објект. За таа цел е направена анализа како да се оптимизираат и максимално да се искористат постоечките ресурси и достапните опции.

Новите хируршки сали би биле сместени на 3 кат со предвидена површина од 1.932 квадратни метри, пишува во предлог-проектот до кој дојде „Слободен печат“ а кој е изработен во јули 2018 година. Нашите извори од болницата тврдат дека немало министер за здравство последните 6 години кој не го видел овој документ и кој не го поддржал, барем декларативно.

Но, кога дошло време да се распишува јавен оглас за да се најде фирма изведувач во законски предвидената постапка, поради буџетот, работата пропаѓала. Првичните проценки биле дека целата реконструкција на старите хируршки клиники би чинела до 6 милиони евра, пари за кои болницата нема буџет од сопственото финансирање, а владите низ годините не наоѓале простор да ги алоцираат.

Извори од ГОБ „8 Септември“ велат дека ваквата реконструкција на оперативниот блок би значела иднина за болницата и сигурност на пациентите на кои им е потребна операција во наредните 30 години. Ова е така, зашто во него е вклучено сето она кое е на несоодветно ниво во моментот со оперативниот блок, а кое доведе меѓу другото и да протече вода низ кровната конструкција и да се поплават дел од салите: хируршки сали со оддел за интензивно лекување, два лифта за транспорт на инструменти до стерилизација, нови локални инсталации за вакуумски и компресорски гасови.

Во проектот исто така е предвидена и нова соодветна кровна конструција над оперативниот блок кој се протега на површина од две илјади квадратни метри, се предвидувало да се променат и над 40 прозорци кои се стари колку и болницата. Имало обиди за да се реновира целосно оперативниот блок со странска донација од амбасада, но поради високата сума за оваа капитална инвестиција не се нашле парични средства во толку висок износ.

Во проектирањето е користена постапка и процедура која со Европската Директива 2010/31/ЕУ која е пропишана за подобрување на енергетската ефикасност на објектите. При проектирањето применети биле и  современи и највисоки светски стандарди и услови за извршување на услуги за хируршки и анестезиолошки процеси.

Притоа, целосно биле почитувани и користени сите позитивни соодветни апликации и нормативи за изведба на здравствени објекти.

Во меѓувреме во оперативниот блок се менувале плочки, се носеле оперативни столици и светла, но зградата во која се наоѓа истиот, е стара од 1972 година, тврдат нашите извори и потребна е целосна репарација.

 

 

 

 

 

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот