Проверка на факти: Црните малини и смоквите ја спречуваат појавата на рак?

Фото: AS Photography / Pexels

На интернет кружи тврдење дека ракот може да се спречи доколку јадеме одредени видови овошје. Дали е тоа вистина?

Еден од пет луѓе ќе развијат рак во текот на својот живот. Иако денес постојат многу терапии за борба против оваа болест, милиони луѓе сè уште умираат од рак: според податоците на СЗО, 10 милиони низ светот само во 2022 година.

Воедно, постојано се појавуваат тврдења дека ракот може да се спречи со јадење одреден вид храна. Тимот за проверка на фактите на Дојче веле подетално преиспита едно од тие тврдења и ја истражи улогата што исхраната ја игра во превенцијата од рак.

Тврдење: Еден корисник на социјалната мрежа Икс тврди дека ракот може да се спречи со јадење два вида овошје: малини и смокви. Тој сподели и видео кое е прегледано повеќе од три милиони пати.

Проверка на факти: Неточно

Истражувањето на „Дојче веле“ покажува дека ова тврдење е лажно.

Во видеоснимката, Патрик Квилин, американски автор и нутриционист, тврди дека црните малини се „вистински лек“ и дека го спречуваат ракот. Објавеното видео е всушност дел од документарниот серијал наречен „Вистината за ракот – глобално потрага“. Таму, меѓу другото, се претставени наводно природни лекови за рак, но се критикуваат и фармацевтските компании како машинерија за правење пари.

Квилин тврди дека црните малини се особено полни со таканаречени антоцијани и антиоксиданти, кои наводно обезбедуваат клетките на ракот сами себе да се уништат.

Дали црните малини ги убиваат клетките на ракот?

– Постојат многу различни секундарни растителни супстанции во овошјето, зеленчукот и салатите кои се здрави – објаснува за ДВ Јута Хибнер, професорка по интегративна онкологија на Универзитетот во Јена во Германија. Меѓутоа, крајно е погрешно да се тврди дека одредени видови храна дефинитивно можат да ја спречат појавата на ракот.

Имено, недостигаат научни студии за луѓето. Студиите кои се спроведуваат исклучиво во лабораторија и во кои, на пример, може да се користат одредени вештачки концентрации на состојки, но и експерименти врз животни, покажуваат дека малините имаат антиоксидантни и антиинфламаторни својства кои можат да ги убијат клетките на ракот.

Но, овие студии не можат една низ една да се пресликаат на човечкото тело, вели Хибнер.

– Ние имаме поианков метаболизам и различни процеси на излачување – објаснува германската професорка и додава дека прво мора да се пронајде одредена, поднослива доза на поединечните активни состојки. Покрај тоа, многу е тешко да се спроведат соодветни студии на луѓето.

Таквите студии тогаш би морало да траат 10-12 години, во текот на кои луѓето не би јаделе еден одреден вид овошје. И токму тука е проблемот: во студија која трае неколку години, луѓето би јаделе и друга храна – и тогаш не би можело јасно да се процени дали консумирањето црни малини или некои други намирници влијаат на можната појава на рак.

Фото: Cheryl / Flickr

Смокви против рак?

Во истото видео, Квилин зборува и за чудесните ефекти на смоквите против развојот на ракот.

Прегледот на вкупно 27 студии сугерира дека смоквите имаат барем потенцијал да го спречат ракот или да се користат во терапијата за ракот. Меѓутоа, тука постои ист проблем како и со црните малини кога станува збор за студиите на луѓето.

Според лабораториската студија од 2021 година, латексот од стеблата на смоквите, на пример, може да го инхибира ракот на дојката. Но – недостигаат студии спроведени на луѓето.

– Не постојат намирници кои дефинитивно може да го спречат ракот – вели за ДВ Максин Ленца, здравствена менаџерка во Британскиот центар за истражување на ракот во Велика Британија (Cancer Research UK). Целосната исхрана е многу поважна од поединечните намирници или состојки.

Можно е да се намали ризикот од рак

Брошурата на Германската помош за борбата против ракот, препорачува совети за исхрана од Германското друштво за исхрана. Според нив, здравата исхрана подразбира дека три четвртини од храната е од растително потекло, а една четвртина од животинско потекло.

– Дополнителни чекори што луѓето можат да ги преземат за да го намалат ризикот од рак вклучуваат да не се пуши, да се консумира помалку алкохол, како и заштита од сонцето – вели Максин Ленца.

Јута Хибнер на тоа го додава спортот, односно физичката активност. Но и нагласува: „Невозможно е целосно да се спречи ракот. Може само да се направи обид да се намали ризикот, но не е можно целосно да се избегне“.

Кој е Патрик Квилин?

Од „Дојче веле“ велат и дека подетално го набљудувале и самиот Патрик Квилин. На видеоснимката, пред неговото име се наведува „Д-р“, што може да наведе многу корисници да претпостават дека тој е лекар. Меѓутоа, истражувањето на „Дојче веле“ покажува дека тој не е лекар, туку дека студирал нутриционистички науки, а докторирал филозофија. Значи, тој нема ниту медицинско образование, ниту пак, спровел некакво истражување за развојот на ракот.

Квилин со години редовно објавува совети за исхраната поврзани со ракот на своите профили на социјалните мрежи, кои ги следат неколку илјади луѓе. Уште од деведесеттите, тој објавил бројни книги на оваа тема. На истрагата на „Дојче веле“ во врска со неговото тврдење дека ракот може да се спречи со консумирање одредени намирници, не одговорил.

Извор: „Дојче веле“ на српски јазик Автор: Катрин Весоловски

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот