Директорот на АНБ, Виктор Димовски: Воената криза во Украина ќе влијае и врз националните безбедности на државите од Западен Балкан

Виктор Димовски, директор на АНБ/Фото: Слободен печат/Драган Митрески

„Во центарот на нашето внимание се сајбер заканите кон земјава, кои се високо флексибилни и адаптибилни, а во нив доминира ширењето на лажните вести и манипулациите со медиумите, со цел да се оствари влијание пред сѐ врз помладата генерација“, оцени д-р Виктор Димовски, директор на Агенцијата за национална безбедност (АНБ), за време на промоцијата на универзитетскиот учебник „Основи на безбедност – Концепциски безбедносни пристапи” од професор д-р Марјан Ѓуровски денеска во Скопје.

-Според проценките на АНБ безбедносната состојба во РС Македонија е стабилна, со подигнато ниво на сензитивност, нагласи Димовски.

Образложувајќи го системот во којшто функционира Агенцијата за национална безбедност, Димовски забележа дека од неговото доаѓање на функција во Агенцијата остварил „11 средби со надлежните парламентарни комисии за контрола на работата на АНБ, што е повеќе од сите претходни директори заедно, во сите изминати години“.

Тој оцени дека во државата години наназад „имаме проблем за целосна имплементација на она што е законска рамка, особено со злоупотреба на безбедносните структури за партиски, групни, лични, а јас би рекол криминални интереси“.

„Паралелно – продолжи Димовски – изложени сме на континуиран разузнавачки интерес, особено од земји кои се надвор од НАТО алијансата и ЕУ. Од аспект на контратероризмот, се справуваме со застапници на верски милитантни идеологии, но и верски групи кои пропагираат теории спротивни на западните вредности. Присутни се и моноетнички групи проследени со екстремна реторика, а организирани форми на криминал и висока корупција можат да ја поткопаат финансиската, а со тоа и целосната безбедност на државата.“

актуелните безбедносни предизвици и ризици на Северна Македонија и регионот/Фото: Слободен печат/Драган Митрески

Димовски оцени дека „непосакуваниот развој на настаните од руската агресија врз Украина во огромна мера ги усложни безбедносните состојби во Европа и глобално, но имаат реперкусии и врз националната безбедност на државите во регионот на Западниот Балкан. Сведоци сме на бегалска криза којашто расте и може да дојде до пет милиони иселени лица од Украина“.

„Тоа дополнително ќе ги усложни, во форма на криза, меѓународните, енергетските и економските односи, паралелно со кризата од пандемијата“, заклучи Димовски.

Ова денеска Виктор Димовски го истакна на дебатата во Скопје за актуелните безбедносни предизвици и ризици на Северна Македонија и регионот, организирана по повод промоцијата на универзитетскиот учебник на професорот Марјан Ѓуровски, на која учествуваа уште неколку негови универзитетски колеги.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот