Димковска: Трагично е што после шест години работа ме исфрлија од Центарот за јавно здравје Куманово

Сашка Димковска од Куманово, до неодамна работела во Центарот за јавно здравје во Куманово на позицијата архиварка. Таму поминала речиси седум години и постојано ѝ бил продолжуван договорот за работа сè до крајот на август, кога ѝ било речено да остане дома и дека ќе биде дополнително контактирана за неколку недели, кога ќе биде познато што ќе се случува со нејзината работна позиција. Наместо продолжување на договорот, за две недели слушнала дека на нејзино место веќе има друг вработен во Центарот. Сето ова корелирало со доаѓањето на позиција на новиот директор.

– Шест години, речиси седум, работев во ЦЈЗ Куманово на определено. Кога се смени власта, на мое место доведоа друга вработена откако договорот ми заврши. Станува збор за позицијата архивар. Претходните договори ги потпишував на една година, а на 31 август ми истече договорот. Претходниот директор се надеваше дека ќе може да издејствува да добиеме трајно вработување. Но, наместо тоа, јас останав без работа – изјави Димковска за „Слободен печат“.

Таа додава дека нејзината позиција била пополнета со друго лице.

– Дојдоа двајца нови. Директорот не сакаше да ме прими. Правничката не сакаше да ме прими. Трагично е што бев исфрлена од таму. Шест години да работиш и да те остават на улица, да ти велат дека ќе ти се јават за месец дена, а никој не се јавува. Имав задолжено телефон, картичка, клучеви, никој да не ми се јави да дојдам да се раздолжам како човек. Едноставно начинот беше потценувачки. Директорот, иако е нов, сепак мислам дека имав право некој да ме викне, да ми каже дека така стојат работите, дека договорот нема да ми се продолжи. После две недели слушнав дека на мое место има друга вработена. Велеа дека нема согласност во буџетот, нема пари за нови вработувања, а како може да има вработувања за други двајца, а за мене што сум седум години таму, да нема. Мислам, која е политиката не можам да сфатам – вели Димковска.

Директорот на Центарот за јавно здравје Куманово, Херолинд Сакипи за „Слободен печат“ вели дека не е негова вината што на Димковска не ѝ е продолжен договорот.

– Колешката била под договор на дело пред да дојдам јас за директор. Не сум одлучил да ѝ го продолжам и нема некоја посебна причина. Досега требало да се реши нејзиниот статус со претходните директори. Не е моја вина, договорот не е раскинат, туку е завршен и не е само таа таков случај. Секоја смена има и последици. Веќе работи некој, но не на нејзино место, туку на друго. Ѝ кажав дека ќе се отвори оглас ако добиеме согласност од Министерството за финансии, Министерството за здравство и Министерството за администрација и има право да конкурира ако ги исполнува условите. Моментално има одлука да не се распишуваат огласи, постапките да се прекинат додека Уставниот суд не донесе одлука. Од Фондот за здравство имаме негативен одговор за вработување – рече Сакипи за „Слободен печат“.

Запрашан кој работи на местото на Димковска тој рече:

– Како и во секоја институција, директорот има право да земе некој вработен и да му помогне. Се работи за вработена која ѝ помага на вработената во човечки ресурси. Не сум крив што седум години не ѝ бил решен проблемот на колешката. Тој проблем може да се реши ако се распише оглас и ќе видиме, ако ги исполнува условите, ќе биде вработена – рече Сакипи.

Министерот за здравство, Арбен Таравари, пред десетина дена истакна дека над 2.500 луѓе во здравството се ангажирани со договор на дело и вети дека до крајот на годината на повеќе од илјада од нив ќе им бидат дадени решенија.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот