Дигиталната писменост засега единствена алатка за борба со онлајн измамите

Злоупотребите на интернет во земјава никако да престанат. Имајќи го предвид фактот дека државата нема капацитет институционално да го реши тоа, интернет измамниците периодов преку најразлични начини пробуваат и успеваат да изнудат пари, преку лажни е-пошти, непостоечки веб-страници, за што до сега според упатените никој ниту одговарал ниту се преземени конкретни мерки за заштита на граѓаните.

Последен од низата вакви случаи се појави на социјалната мрежа Фејсбук каде беше објавена лажна вест на страницата Bonny bde1 во која беше наведено дека домашната јавност се збогува со новинарката Ирена Мулачка. Веднаш по ваквата дезинформација на истата социјална мрежа се јави новинарката која објави натпис во кој таа се обрати велејќи дека не треба да се попаѓа на ваквите лажни вести и измами и граѓаните да не даваат лични податоци на интернет.

Дополнително и поранешниот директор на ТИРЗ, актуелниот генералниот директор на „КОСТАЛ – Македонија“ и претседател на Советот на странски инвеститори при Стопанската комора, Виктор Мизо, мета на дезинформации дека наводно починал.

Измамите со добропознатата техника фишинг се провлекува константно под маска на ФЗОМ, УЈП, националната пошта, Шпаркасе банка и Владата забележуваат медиумите периодов. Според она што може да се заклучи е дека шемата на овие измами е добро позната, откако ќе кликнете на линкот, тој ве води на веб-страница на која е потребно да ги внесете вашите лични и финансиски податоци, за после тоа да ви бидат повлечени средства од вашата платежна картичка.

Државата без основни стандарди за сајбер-безбедност- сајтовите на институциите лесно ранливи

Дека сајбер безбедноста во земјава не е на завидно ниво говорат и многуте слични вакви состојби особено коа станува збор нарушувањето на интернет-сигурноста на веб-страниците на државните институции. Јавноста сè уште го памети последниот случај со Фондот за здравствено осигурување во кој извесен период наместо по електронски апликации, матичните лекари, болниците, аптеките и сите останати здравствени органи, пополнуваа хартиени обрасци со потпис на пациентите за сите услуги платени од Фондот.

Еден од по интересните напади забележан во домашната јавност беше направен некаде на почетокот од минатата година. Хакерите во краток период успеаја да нападнат неколку државни сајтови, па така падна страницата на Собранието, додека на влада.мк беа поставени линкови за продажба на патики и облека, а на страницата на Бирото за јавни набавки се копаа крипто валути.

Во листата на примери за хакерски напади беше и оној направен врз Министерството за земјоделство шумарство и водостопанство во септември минатата година. Тогаш паднат беше неговиот електронски систем, хакерите успеале да шифрираат податоци од документи и бараа откуп.

Како еден од главните проблеми во овој домен се слабата дигитална писменост на населението и немањето на соодветен стручен кадар во државните институции. 70% од институциите немаат заштита од хакерски напади, а и дека во периодот од 2020 до 2023, Македонија потрошила над 6,1 милиони евра за информациска безбедност, пишува Радио Слободна Европа, што за една држава е доста мала сума за ваква сериозна тема и долг период.

Стратегијата за сајбер безбедност да биде приоритет за новата Влада

Домашниот комуниколог и експерт по комуникации Бојан Кордалов вели дека тенка е линијата меѓу законското регулирање на интернет просторот со информации и почитувањето на слободата на говорот. Според Кордалов неопходно е носење на јасна Стратегија за справување со сајбер криминалот особено ако земеме предвид дека огромен број од виталните процеси и активности на граѓаните и институциите се одвиваат онлајн.

Бојан Кордалов – коминиколог/ Фото: “Слободен печат” / Драган Митрески

-Не е доволно само да ги следиме модерните и дигитални трендови, туку подеднакво брзо и ефикасно да вложуваме во заштита на личните податоци и сајбер напади врз базите на податоци и чувствителните податоци. Но, би нагласил дека она на коешто сведочевме деценија и повеќе, а тоа е само носење на разноразни стратегии без притоа истите да се применат, не може да доведе до резултат. Потребна ни е целосна промена во начинот на дејствување и размислување, особено во рамките на јавните институции. Тоа значи буквално засукување на ракавите, макотрпна дневна и теренска работа и осојузување со сите кои можат да дадат придонес во оваа битка и заштита: компании, организации, поединци, од дома или од западните земји – појаснува Кордалов.

Според комуникологот доколку се вратиме само неколку години наназад ќе се шокираме колку често македонските институции, па и балканските, биле напаѓани, одземани чувствителни податоци, оневозможувани да функционираат итн. Затоа е неопходно да запре и ризикот, истиот да се сведе на минимум бидејќи ја намалува довербата во современите дигитални процеси и го загрозува секој човек со потенцијална злоупотреба на личните податоци.

Приватниот сектор може да биде добра потпора за сајбер-безбедноста

Од друга страна експертите во ИТ секторот препорачуваат дека треба да се направи поефикасна државна стратегија за борба со овој вид криминал, кој може да направи сериозен безбедносен проблем на институциите, но и на државата.

– Ако државата не е во можност  сама да развие и произведе човечки ресурси кои ќе работат во овој сектор за сајбер-безбедноста најпрво за граѓаните а потоа институциите треба да погледне повеќе кон приватниот сектор и можеби да побара помош за справување со оваа проблематика, вели Мартин Јовановски експерт во ИТ секторот.

Тој во неколку изјави досега за Слободен печат вели дека е потребна е целосна компатибилна и комплементарна законска регулатива за да се постигне безбедносно обезбедување и сигурност. Како најбрза и наједноставна пракса за справување на овој проблем е подигање на дигиталната писменост кај граѓаните.

– Македонија во принцип треба да инвестира во технологија, а најпрво во човечки ресурси. Но, доколку нема можност за тоа, државата треба да побара помош од приватните компании кои секојдневно се занимаваат со хакерски напади, вели Јовановски и додава дека дигитализацијата на општеството е процес кој може да стави крај на интернет измамите и хакерските напади врз сајтовите на институциите а за тоа да се случи неопходно е да се воспостави добра законска подлога во државата.

 

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот