Џафери од Кина: Ставаме акцент на економската соработка (ВИДЕО)

Претседателот на Собранието на Република Северна Македонија, Талат Џафери се сретна со потпретседателот на Националниот комитет на Народната политичка консултативна конференција Џанг Чингли.

На средбата тој истакна дека минатогодишната посета на Џанг на Република Северна Македонија и оваа возвратна посета го покажуваат заедничкиот интерес за натамошно унапредување на односите и продлабочување на соработката.

Претседателот Џафери потенцираше дека, ваквите посети на високо ниво и добрите политички односи, носат со себе и голема придобивка за граѓаните, а тоа е проширување на економската соработка.

Тој во текот на разговорите, акцентот го стави на искористување на можностите за економска соработка и нагласи дека, покрај учеството на кинеските компании во изградба на двата автопати во Република Северна Македонија и можното учество во изградбата на железничката инфраструктура, кинеските инвеститори би можеле да најдат свој интерес и во слободните економски зони и во инвестирањето во капацитети за обновлива енергија.

Како потврда на ваквата определба, претседателот Џафери го посочи активното учество на Република Северна Македонија во процесот на соработка 17 + 1 на Народна Република Кина и земјите од Централна и Источна Европа.

Потпретседателот Џанг подвлече дека, зајакнувањето на парламентарните односи дава значаен придонес на добрите билатерални односи, а предлозите за поинтензивна економска соработка ги оцени како полезни за двете држави.

Тој истакна дека Народна Република Кина во Република Северна Македонија гледа пријател и партнер и изрази подготвеност за продлабочување на економските односи. Тој понатаму информираше за импресивните резултати на кинеската економија во последната декада и напорите кои постојано се вложуваат за надминување на нееднаквиот развој во земјата и искоренување на сиромаштијата.

Покрај континуираните напори за постигнување благосостојба во државата, Џанг посочи дека Народна Република Кина се залага и за поголема благосостојба во светот и за таа цел ја развива Иницијативата појасот и патот.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот