Деспотовски: Нови 31 инвестиција, 18 илјади вработувања и нето просечна плата од над 43 илјади денари

Јован Деспотовски/ Фото: Слободен печат / Слободан Ѓуриќ

Доскорешниот директор утринава ја депонирал својата оставка до архивата на Владата и нема да бара апанажа. Деспотовски ги упати новинарите да ја прашаат Владата, иако неофицијално му е познато името на новиот директор. Тој беше дециден дека немал политички притисок да ја напушти функцијата, иако мандатот му истекува во декември годинава

Владата би требало што поскоро да создаде „една контакт точка за странските инвеститори“, обединувајќи ги Дирекцијата на ТИРЗ и Агенцијата за странски инвестиции, посочи Јован Деспотовски, доскорешен директор на ДТИРЗ, дотолку повеќе што во мираз им се остава подготвен закон. Деспотовски утринава ја депонирал својата оставка до архивата на Владата и нема да бара апанажа.

Во врска со личноста што ќе го замени на оваа позиција на која тој беше во изминатите три години, Деспотовски ги упати новинарите да ја прашаат Владата, иако неофицијално му е познато името на новиот директор. Тој беше дециден дека немал политички притисок да ја напушти функцијата, иако мандатот му истекува во декември годинава.

Новото раководство на ДТИРЗ во наследство добива 31 нов договор за инвестиции, од кои 50 отсто се нови вложувања. Деспотовски се пофали дека до мај во зоните имало повеќе од 18.000 вработени, што е за 5.500 повеќе откако стапил на функцијата.

– Просечната плата во зоните е одамна над државниот просек и сега нето просечните примања за мај изнесуваат повеќе од 43.000 денари. Во Буџетот за три години само од придонеси, персоналец и добивки од инвеститорите влегоа 200 милиони евра, а државата на инвеститорите како помош од 2020 до 2023 година им исплатила 50 милиони евра. Значи за секое 1 вложено евро, назад се вратени 4, што е сериозен доказ за работењето на зоните – наброи Деспотовски.

Тој е горд што двете најголеми странски инвестиции од осамостојувањето до денес се случиле во неговиот мандат – „ГЕО“ (205 милиони евра) и „Гересхајмер“ (190 милиони евра). Во најава за следните месеци се уште неколку инвестиции од голем девизен обем.

– Следната недела делегација на ТИРЗ заминува на средби со големи јапонски компании во Лондон и Диселдорф и очекувам дека ќе има успех во разговорите бидејќи има голем интерес од овие компании. Ова е след на потпишаниот Меморандум за соработка меѓу ТИРЗ и Јапонската организација за надворешна трговија (ЏЕТРО), во март во Скопје, чија цел е полесен влез на јапонските компании во земјата, како и воспоставување поблиска соработка меѓу македонските и јапонските компании, особено во делот на заеднички проекти во градежништвото и иновациите – додаде Деспотовски.

Досегашниот директор на ТИРЗ потсети и дека 11 инвестициски проекти се избрани на Јавниот повик за техничка помош за развој на добавувачи на ТИРЗ наменет за македонски компании. Jавниот повик наменет за домашни средни и големи компании ТИРЗ го спроведува во партнерство со Меѓународната финансиска корпорација (ИФЦ), членка на Групацијата на Светска банка, а поддржани од Швајцарскиот секретаријат за економски прашања, СЕКО.

– Инвестициските проекти на избраните компании се од областа на металопреработувачката индустрија, автомобилска, фармацевтска, машинска, дрвна, градежништво, преработувачка и креативни индустрии. Според доставените проектни планови, меѓу главните цели на компаниите им е унапредување на извозот, освојување нови пазари, да станат дел од синџирот на снабдување кај странските компании во земјава, како и стручна експертска поддршка со цел намалување на производните трошоци, која ќе овозможи зголемување на конкурентноста на надворешните пазари. Ова е само прва фаза од Програмата за развој на добавувачи. Македонските компании чии инвестициски проекти се избрани во оваа фаза ќе добијат техничка помош со цел да ги зајакнат извозните капацитети, да станат поконкурентни и да бидат дел од синџирот на добавувачи на странските компании во земјава, но исто така ќе добијат и техничка помош за финализација на инвестициските планови – наведе Деспотовски.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот