Денот на народното востание ќе се празнува по здравствен протокол

Фото: EPA-EFE/GEORGI LICOVSKI

 Свеченостите по повод  11 Октомври – Денот на народното востание на македонскиот народ, во организација на Владата на Република Северна Македонија, под слоганот „Честит 11 Октомври, секогаш слободни!” годинава ќе се одржат согласно протоколот на Комисијата за заштита од заразни болести, односно без масовни собири, со минимум присутни, дистанца и заштита, информираат од Владата.

Со цел почитување на препораките за заштита од коронавирусот КОВИД-19, бројот на учесниците во настаните, кои ќе се случуваат без традиционалната културно-уметничка програма и без собири на граѓани, е ограничен.

На 11 Октомври, претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Зоран Заев по повод чествувањето на 79 години од Денот на народното востание на македонскиот народ, ќе се обрати на свеченото одбележување во Куманово, кое ќе започне со положување цвеќе пред Спомен – Костурницата во 11:00 часот.

Премиерот Заев на положувањето цвеќе ќе ја предводи делегацијата која ја сочинуваат министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, министерката за труд и социјална политика Јагода Шахпаска и министерот за транспорт и врски Благој Бочварски.

Дополнително, како дел од свеченото одбележување на државниот празник 11 Октомври, владини делегации ќе положат цвеќе и во Прилеп и Скопје.

Во Прилеп, владина делегација предводена од вицепремиерот за европски прашања Никола Димитров, придружуван од министерот за надворешни работи Бујар Османи и министерката за образование и наука Мила Царовска, ќе положат цвеќе на: Споменикот на Методија Андонов – Ченто, Споменикот на Кузман Јосифовски – Питу, Алејата на народни херои, Споменикот „Жена борец” и Могилата на непобедените, со почеток од 8:30 часот, информираат од Владата.

Венци цвеќе, пред Споменикот на борците кои паднаа за ослободување на Скопје, со почеток во 12:15 часот, ќе положи владина делегација предводена од првиот вицепремиер Артан Груби, а во нејзиниот состав ќе бидат министерката за одбрана Радмила Шекеринска, министрите за правда и здравство, Бојан Маричиќ и Венко Филипче.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот