Денеска седница на Советот: Ќе гласаат или не советниците од ВМРО-ДПМНЕ за предлозите на Арсовска?

Данела Арсовска на седница на совет на град Скопје / Фото: Слободен печат/Драган Митрески

Советот на Град Скопје денеска ќе ја одржи најавената седница, на која се очекува да бидат изгласани повеќе предлог-програми поврзани со работата на јавните претпријатија во 2024 година, но и да се дозволи вработување во градските претпријатија, меѓу кои и ангажирање на 120 работници во „Комунална хигиена“.

Координаторот на советничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Мартин Стојановски, после координативната средба со градоначалничката Данела Арсовска, посочи дека ќе гласаат за сите програми за кои Арсовска тврди дека поради нивното досегашно неизгласување довеле до незавидна состојбата со хигиената и превозот во градот. Претходно и премиерот Христијан Мицкоски изјави дека ќе ги замоли советниците од неговата партија да ги гласаат програмите.

Но, во однос на одлуката за набавка на нови автобуси, Стојановски беше воздржан и посочи дека дали ќе ја поддржат, ќе зависи од тоа дали ќе бидат понудени информации околу тоа колку автобуси ќе се набавуваат, колку тоа ќе чини, колкава рата годишно ќе треба да се плаќа.

Предлог-одлуката за набавка на нови автобуси која е доставена пред советниците на денешната седница не содржи никакви информации. Во неа се наведува само дека со одлуката Град Скопје ја утврдува потребата за набавка на екоавтобуси за што средствата ќе се обезбедат од градскиот буџет и дека градоначалникот на Град Скопје треба да ја спроведе набавката согласно Законот за јавните набавки. Нема информации ниту колку автобуси се планира да се купат, колку средства од буџетот годишно ќе се предвидат за таа намена, ниту колку години градот би бил задолжен.

Денеска би требало да се разговара и за пренамена на средства што стојат на наменска сметка на Град Скопје, кои би требало да се употребат за поправка на 30 автобуси. По средбата кај Арсовска, претседателот на Советот, Трајко Славески посочи дека во моментов тоа е единствено брзо решение.

– Владата е подготвена дел од средствата што стојат неискористени на сметка наменети за инфраструктурен проект да се префрлат на сметка на ЈСП за рехабилитација на дел од возниот парк на ЈСП. Затоа што има два клучни датуми, едниот е 1 септември, кога почнува школската година за основците и средношколците и мала пауза додека студентите не се вратат на факултетите. Охрабрува тоа што го рече директорот на ЈСП дека по негова процена дури 30 автобуси би можеле да се оспособат и да се вратат во функција – рече Славески.

Колку за потсетување, за три дена започнува новата училишна година, а со тоа стартува и зимскиот возен ред на автобусите, за чие спроведување фалат најмалку 100 автобуси. Тоа значи дека хаосот со јавниот превоз ќе стане уште посериозен и никој не знае како навреме ќе се стига на работните места и на училиште.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот