Дела од Јана Луловска кои нудат визија за уметност која е неограничена ќе бидат изложени во КИЦ-Скопје

Плакат за изложбата на Јана Луловска во КИЦ-Скопје

Во Културно-информативниот центар во Скопје на 3 октомври, во 20 часот, ќе биде отворена изложбата „Effortless“ (Природно) на интердисциплинарната уметница Јана Луловска. Изложбата ќе биде отворена за јавноста до 15 октомври 2024 година.

– Самостојната изложба „Effortless“ (Природно) на Јана Луловска содржи дигитални слики кои постојат во еден простор во којшто флуидноста и течението не се само естетски квалитети, туку се најважни за самата природа на уметничкото дело. Во „Effortless“ Луловска употребува дигитални алатки за да ги надмине традиционалните ограничувања, создавајќи при тоа еден флуиден, неограничен визуелен простор каде уметноста не е прицврстена во рамките на својот медиум.

Во светот со брзо темпо, нејзините дела го повикуваат гледачот да ја доживее флуидноста на самиот дигитален медиум, нудејќи еден миг на спокојство, рефлексија и размислување. Изложбата „Effortless“ е инспирирана од движењето „Флуксус“, и со една убавина и грациозност го втемелува природниот тек на настаните и нашите одлуки и избори, трансформирајќи ги секојдневните предизвици во спокојни и трансцедентни мигови на едноставност.

„Effortless“ на Луловска преоѓа во многу повеќе од една збирка на дигитални слики; тоа е манифест за нов начин на согледување и создавање. Со прифаќање на флуидноста и во концептот и во медиумот, нејзините дела нудат визија за уметност која е неограничена, постојано менлива и која длабоко резонира со комплексноста на современиот живот. Делата служат за потсетник дека и покрај предизвиците во секојдневниот живот, постои убавина која може да се најде во течението, во флуидноста, во природните транзиции кои го дефинираат нашето постоење – истакнува Лазе Трипков, куратор на изложбата.

Делото „Метаморфоза“ од Јана Луловска

Проектот е поддржан од Министерството за култура и туризам на Република Северна Македонија, Град Скопје, Културно-информативен центар – Скопје, Венец Винарија, Тапас Бар „Трн“.

Јана Луловска е интердисциплинарен уметник од „средната“ генерација, чијашто работа опфаќа фотографија, сликарство, графика и инсталација, а навлегува и во експериментален филм, видеоуметност, анимација и дизајн.

Дипломирала на Националната академија за театарска и филмска уметност „Крсто Сарафов“, Софија, Бугарија. Луловска е член на ДЛУМ. Таа бележи исклучително обемно и богато искуство на изложби, како во Северна Македонија, така и во САД и Европа, а нејзините дела се дел од бројни колекции и меѓународни публикации.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот