Дебелината е ризик фактор за најчестиот гинеколошки карцином во Македонија – ендометријалниот

Дебелината и возраста со влегувањето во менопауза се главни ризик фактори за ендометријален карцином и затоа се препорачува жените кои влегуваат во менопауза, барем еднаш годишно да прават ултразвучен преглед, предупредуваат онколозите и гинеколозите. Ако ендометријалниот карцином се дијагностицира во рана фаза, тогаш огромни се шансите да се излекува или да има добра прогноза за продолжување на животот, но доцните стадиуми носат мали шанси. Исто така, пациентките треба да внимаваат на раните симптоми на ендометријалниот карцином меѓу кои и несоодветни крвавења.

-Не секогаш карциномот почнува со крварење. Има и помлади пациентки кои не се ниту во менопауза, немаат ниту родено, се наоѓаат во триесетата година од животот а имаат ендометријален карцином. Тоа е сепак, ретка популација и за неа има посебен третман за да се сочува плодноста на пациентката и да се санира карциномот.

Добар дел од пациентките имаат ризик фактори како обезност, хипертензија и дијабетес, кои неколкукратно го зголемуваат ризикот од ендометријален карцином, објасни професор доктор Игор Алуловски од Клиниката за гинекологија и акушерство.

Ендометријалниот карцином бележи значаен пораст последната деценија. Професор доктор Алуловски истакна дека во Македонија овој вид карцином е доминантен од гинеколошките карциноми. Институтот за јавно здравје на Македонија во 2021 година регистрирал 254 случаи на ендометријален карцином во Македонија, споредено со 2012 година кога имало 128. Генерално овој тип на карцином има добра прогноза ако рано се дијагностицира. Во споредба со ракот на грлото на матката, уште не постојат скрининг методи за превенција.

-На ГАК годишно се оперираат од 130 до 150 пациентки со ендометријален карцином. Бројот на дијагностицирани жени од 2012 година наваму расте. Тоа е болест на „постарата група во менопауза, од 55-65 годишна возраст“.  За жал не постојат превентивни прегледи кои детектираат, ниту пак има вакцинација или цитологија за рана дијагностика, објасни професор Алуловски.

Мирјана Бабанова потпретседателка на здружението „Фемина-М“ на која ѝ била дијагностицирана хиперплазија, што е формација пред ендометријален карцином, рече дека во нејзиниот личен случај со намалување на 16 килограми, се намалил и ендометриумот и затоа е многу важно жените да внимаваат на обезноста и да ја превенираат.

-Дебелината е многу доминантна последната деценија и поради физичкиот и психичкиот аспект, многу им е тешко на докторите да им укажат на пациентките на дебелината. Да се фокусираме на примарната превенција на ракот, рече таа.

Брошура за ендометријален карцином

Јуни е светскиот месец за кревање на свесноста за ендометријален карцином и по тој повод денеска на Клиниката за гинекологија и акушерство беше промовирана првата европска брошура за ендометријален карцином наменета за жени со ендометријален карцином базирана на најновите научни сознанија и добрата клиничка пракса. Изработена е од страна на европската мрежа на претставници на пациентки со гинеколошки малигни заболувања и ревидирана е од страна на професор Алуловски.

Доктор Викторија Јовановска, директорка на Клиниката за гинекологија и акушерство (ГАК)

Брошурата овозможува пациентките да бидат подобро информирани за третманот и за нивната состојба, да знаат што ги очекува и каков тип на третман ќе добијат на нашата клиника и на Клиниката за онкологија.

Ќе знаат за начинот на кој ќе бидат спроведувани и кои прашања се важни за нивната состојба. На почетокот самата состојба е стрес, но третманот постои и е мултидисциплинарен и кај нас на ГАК и на Онкологија.

Треба да знаат дека првите 5 години треба да одат на интензивни контроли, на почеткот и на секои три месеци а и често да се консултираат со нивните матични лекари. Успехот зависи од третманот на двете клиники, изјави директорката на ГАК доктор Викторија Јовановска.

Доктор Виолета Клисаровска, специјалист онколог посочи дека третманот на ендометријалниот карцином е комплексен и неопходен е мултидисциплинарен пристап.

-Соработката меѓу ГАК и Онкологија функционира и само така може да се дојде до најдобрата опција за третман. Третманот најчесто почнува со хирургија, но и ма и радиотерапија и брахитерапија. Ако се дијагностицира во рана фаза, тогаш голем дел од пациентите може да дојдат и до комплетно излекување.

Спротивно на ова, таму каде што болеста е напредната во трети или четврти метастатски стадиум, перспективата на овие пациенти е лоша и само 20 проценти доживуваат петгодишно преживување. За пациентките кои имаат опстојувачка и повторувачка болест стандардниот третман е недоволен и има многу мала ефикасност, рече доктор Клисаровска.

Симптомите се крвавење по менопауза, карлични или стомачни болки, чувство на непријатност во стомакот, дијареа или потешка форма на запек, вагинален исцедок, абнормално крвавење во предменопауза помеѓу циклус или многу долго и обилно крвавење (кое не е поврзано со бенигна болест на матката или хормонални нарушувања).

Бројот на новодијагностицирани случаи на ендометријален карцином во Европа во 2020 бил 130.051.

 

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот