„De mortuis nihil nisi bonum“ (за покојникот сѐ најдобро)

Марин Гавриловски

Изборите за претседател на СДСМ се последниот клинец закован во ковчегот на покојната партија, по што веќе слободно може да се каже дека, за жал, Социјалдемократскиот сојуз на Македонија престана да постои и се сведе на ниво на земјоделска задруга во стечај.

Деновиве бевме сведоци за обидот СДСМ преку внатрепартиските избори да изврши блиц катарза, по која би продолжил со надеж за посветло утре, но попусто; пазарџиски организираните избори во СДСМ на кои пирова победа извојува Венко Филипче, во никој случај не може да се наречат легитимни ниту катарзични. За надежта да не зборуваме. Прво, поради тоа што на нив учествуваа проклето малку членови на партијата (нешто повеќе од 10 % од вкупниот број членови), второ, затоа што пред нивното одржување се искажаа многубројни сомнежи за нивната регуларност, кои не беа сериозно демантирани од организаторите, трето, затоа што базите на податоци што ги содржеа личните податоци за членовите беа користени од еден од кандидатите за своја промоција, четврто, затоа што органите што ги организираа изборите, не можеа да потврдат дека списоците се исчистени од лица што во меѓувреме ја напуштиле партијата и станале членови на други партии, петто, затоа што еден од поранешните претседатели на партијата лобираше да победи неговиот кандидат, и шесто, затоа што сите членови на партијата, но и пошироката јавност знаеја за сето ова, а не реагираа соодветно.
И ете, Венко Филипче победи и што сега? Што ќе прави со партија што повеќе не постои? Партија што има околу 80.000 членови, а во изборниот процес за него гласаа само 9.000. Од каде тој ќе го црпи својот легитимитетот? Кој личен авторитет ќе го користи откако стана истурен играч на некои бивши функционери и по сите оние отворени прашања поврзани со неговото министерување за време на ковид-кризата?
Изборите за претседател на СДСМ се последниот клинец закован во ковчегот на покојната партија, по што веќе слободно може да се каже дека, за жал, Социјалдемократскиот сојуз на Македонија престана да постои и се сведе на ниво на земјоделска задруга во стечај.
Уништувањето на партијата почна непосредно по победата на Шарената револуција, која всушност требаше да биде почеток на нормализација на државата, а не цел сама по себе. Тоа не го разбра или не сакаше да го разбере тогашното раководство на партијата кое, откако се смести во удобните барокни фотелји оставени од Груевски, воопшто не почувствува гадење или презир кон тоа, туку напротив, како упропастеното здание на поранешниот ЦК да им се допадна и како да уживаа работејќи во него. Изгледа, лажниот кич и сјај на Груевски беше адекватна замена за зелените пазарски тезги и приколките на камионите. Едноставно, од потеклото не може да се избега. Неработењето, неспособноста, самобендисаноста, коруптивноста, пополека почнаа да си го земаат својот данок, а состојбите во државата да се влошуваат и да стануваат уште полоши дури и од времето на владеењето на двоецот Груевски – Мијалков. Тоа се одрази на рејтингот на партијата, кој последниве години беше во слободен пад, а никој од раководството, со главите како ноеви забодени во песок, не сакаше тоа да го види и да преземе активности за поправање на состојбите, првенствено во државата, а потоа и во партијата. Крахот се случи на последните парламентарни избори кога владата и партијата предводени од Ковачевски доживеаја пораз од епски размери. По што, веќе немаше враќање назад. Оваа ситуација ја искористи поранешниот претседател на партијата кој неславно замина од премиерската позиција, лутејќи се како дете на кое другарчињата му ги зеле џамлиите и не сакаат да си играат со него, за повторно да пројави лидерски амбиции, но овој пат од сенка и во првите редови да го пушти Венко Филипче, кој по заминувањето на Никола Димитров во политичка пензија, го зазеде местото на нов BFF на Заев. Членството, луто на Заев по неговото непланирано заминување од политиката и оставање на партијата на цедило, воопшто не е наклонето кон новиот претседател. Потврда за тоа е и неможноста партијата да организира легитимен конгрес, но и одзивот на гласачите кои иако пријавени, не се јавија да гласаат на внатрепартиските избори на триесетти јуни. Па од пријавените 23.000 членови на СДСМ, во изборниот процес учествуваа само 54 %, што остава сомнеж дека оние што не излегоа да гласаат, всушност се симпатизери на Славјанка Петровска, која се откажа од својата кандидатура ден пред изборите.
Додека слободниот пад на СДСМ трае, речиси сите други политички партии од македонскиот блок „ги сукаат мустаците“. Левица, ни крива ни должна, се најде пред празен гол и сега ја крои стратегијата како да ја оствари омилената желба на нивниот лидер Апасиев, која тој не пропушта да ја спомене во секоја пригода, а тоа е „пасокизацијата“ на СДСМ, по примерот на грчката партија ПАСОК која беше една од водечките партии во Грција повеќе децении, но која поради лошите резултати од владеењето и немањето на визија за иднината беше „прегазена“ од СИРИЗА на Алексис Ципрас и стана маргинален фактор во државата. Кога тој процес би завршил, Левица би се профилирала во главна опозициска партија во земјава. Движењето ЗНАМ на Максим Димитриевски исто така, ни криво ни должно, на контото на своето членство ќе забележи позитивен скор, жнеејќи ги десетиците илјади незадоволни членови на СДСМ кои, многу веројатно, се подготвуваат да го сменат дресот, особено оние што лично го познаваат Максим Димитриевски уште од времето кога беше дел од раководството на СДСМ и за него имаат позитивни импресии. И на крајот, владејачката ВМРО-ДПМНЕ е задоволна од состојбата во која се наоѓа СДСМ од причина што на секоја партија на власт ѝ одговара да има слаба и разединета опозиција за да може со одврзани раце и без контрола да ја практикува власта. А сите ние многу добро знаеме како „добро“ знае ВМРО да ја практикува власта.
Се плашам дека доколку овие тенденции продолжат, СДСМ ќе се сведе на Филипче, струмичаните на Заев и неколку послушници од другите општински организации, недоволно да се освојат избори во месна заедница, а камоли на ниво на локална самоуправа или држава.
Но, старите Римјани рекле: „De mortuis nihil nisi bonum“ (за покојникот сѐ најдобро), па на крајот на овој претсмртен говор, ќе го изразам моето сочувство и жалење што дојде до оваа ситуација, со надеж дека, можеби за осум или десет години, доколку работите се променат од корен и доколку вистинските социјалдемократи си ја вратат партијата заробена од оние што ја користат за да се заштитат и да продолжат со лукративните бизнис активности, ќе можеме да зборуваме за некој нов СДСМ, кој би ги следел традициите на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија од времето кога таа беше државотворна, прогресивна и победничка партија.
Наместо тоа, навистина тажен и срамен крај на една убава приказна.

(Авторот е адвокат)

ЈАЗИКОТ НА КОЈ СЕ НАПИШАНИ, КАКО И СТАВОВИТЕ ИЗНЕСЕНИ ВО КОЛУМНИТЕ, НЕ СЕ СЕКОГАШ ОДРАЗ НА УРЕДУВАЧКАТА ПОЛИТИКА НА „СЛОБОДЕН ПЕЧАТ“

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот