Давитковски: Незаконски е етничката припадност да се впишува во изводите од матичните книги, министерот веднаш да го повлече упатството

Борче Давитковски - поранешен декан на Правниот факултет / Фото: ,,Слободен печат''

Незаконски е да е впишува етничката припадност на граѓаните во изводите од матичните книги, вели професорот по управно право Борче Давитковски за „Слободен печат“, во врска со новото упатство за водење на матична евиденција што вчера го потпиша министерот за правда Кренар Лога, а според кое во изводите од матичните книги на родените, венчаните и на умрените ќе се додаде и графа за етничка припадност. Професорот Давитковски вели дека ако некој го оспори новото упатство на Уставен суд, тоа сигурно ќе падне затоа што упатството регулира повеќе од законот, а подзаконсккте акти не може да бидат над законите од кои произлегуваат.

– Министерот за правда го пречекорил дискреционото право и потребно е да го повлече ова упатство. Според Законот за начинот и организацијата на органите на управата, министерот носи правилници и упатства за операционализација на нормите, но не може да одредува нешто построго од тоа што е пропишано во самата норма. Во Законот за матичната евиденција не е предвидено етничката припадност да биде запишана во изводите од матичните книги. Тој закон точно предвидува што да биде впишано во матичните книги, за новородено дете во матичната книга на родените е предвидено име и презиме, дата, час и место на раѓање, државјанство на родителите, нивните матични броеви итн, но не и повеќе од предвиденото, не се запишива дали детето има сини очи, црна коса итн – вели Давитковски за „Слободен печат“.

Во врска со образложението на министерот Лога кој неодамна најави дека со оваа мерка ќе се спречи злоупотребата на балансерот при вработувањата во јавната администрација, Давитковски вели дека тоа образложение „не држи вода“.

– Не може заради негативни искуства од поединци да се воведува норма со која сите ќе бидат казнети, како што е и во овој случај. Требало да си најдат други механизми за да се спречи злоупотребата на балансерот – вели Давитковски.

Според Законот за матичната евиденција во матичната книга на родените се запишуваат податоци за раѓањето на детето, односно име и презиме, пол на детето, како и денот и часот кога е родено, но не и неговата националност. За родителите се запишуваат повеќе податоци, како име и презиме, ден, месец, година и место на раѓање, државјанство, живеалиште и адреса на станот. За родителите во матичната книга се впишува и националноста. Според досегашното упатство, во изводот од матичната книга на родените не се запишува етничката припадност ниту на лицето на кое се однесува изводот, ниту на родителите, а се впишува неговото државјанство.

Од Министерството за правда вчера соопштија дека министерот Лога го потпишал Упатството за изменување и дополнување на Упатството за начинот на водење, заштита и чување на матичните книги и списи; издавање на изводи, уверенија, преписи и копии врз основа на матичните книги; водење постапка и составување на записник за најдено дете; обновување на уништени, оштетени или исчезнати матични книги, како и за обрасците на матичните книги, регистарот на матични книги, изводите и уверенијата што се издаваат врз основа на матичните книги, каде ќе стои графа за етничка припадност.

– Ова Упатство ќе стапи на сила веднаш по објавувањето во Службен весник за изводите на родените, додека за другите изводи поради финансиски импликации, Упатството ќе започне да се применува од 1 јануари 2024 година – соопшти Министерството за правда.

Од Управата за водење на матични книги велат дека веднаш штом новото упатство ќе биде објавено во Службен весник, тие ќе почнат да го применуваат.

Образец за двојазичен извид на родени. Извор: Министерство за правда
Образец за двојазичен извид на родени. Извор: Министерство за правда

Лога претходно најави дека со оваа измена ќе може да се докаже етничката припадност со официјален документ.

– За секоја можна злоупотреба на етничката припадност може да се отворат и кривични постапки за лажно пријавување. И странките во постапката при вработувањето можат да поднесат претставка, но и тужба за злоупотреба, во случај институцијата да избегне службени документи – најави Лога.

Надлежните објаснуваат дека со ова упатство ќе се спречат злоупотребите кога граѓаните со изјава си бираат од која етничка заедница се, за да се вработат на место во јавната администрација на кое според балансерот треба да се пополни со припадник на определена етничка заедница, за да се постигне правичната застапеност во институциите. Досега имаше повеќе промери кога граѓаните лажно се декларираат како Албанци, Турци, Роми, Срби итн, за да „влезат“ на работното место, според потребата на конкурсот.

Министерот за информатичко општество и администрација Азир Алиу неодамна рече дека оваа злоупотреба не е честа и дека е на индивидуално, а не на институционално ниво. Тој додаде и дека секој граѓанин има право според Уставот да се чувствува секој ден различно и никој не може тоа да го занемарува.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот