Давитковски: Левица наместо да поднесе кривична за Гаши, требаше да поведе постапка до Уставен со барање за времена мерка

Станува збор повеќе за правнополитички отколку за кривичен аспект и не верувам дека од кривичната ќе има некој реален и вистински правен ефект, вели професорот по управно право Борче Давитковски

Африм Гаши, само еден месец откако беше избран за претседател на Собранието, заработи кривична пријава од пратениците на Левица поради тоа што не му го одзел мандатот на Талат Џафери, кој едновремено седел на две фотелји – и на пратеничката и на премиерската. Од Гаши нема одговор за кривичната. Правни експерти сметаат дека Левица, наместо кривично да го гони претседателот на Собранието, требало да се обрати до Уставниот суд.

Африм Гаши на собраниска говорница / Фото: “Слободен Печат” / Драган Митрески

Едновременото практикување на двете функции од Џафери предизвика бурни реакции во јавноста, но и ја подели правничката фела, зашто и поранешните премиери што биле избрани за пратеници до изборот на новата влада седеле на две столчиња.

Кривичната за Гаши од пратеничката група на Левица е поради основано сомневање за кривичното дело несовесно работење во службата, казниво по член 353-в од Кривичниот законик, со запретена затворска казна до три години. Пријавата против актуелниот собраниски спикер Левица ја поднела зашто Гаши пропуштил службено дејство и свесно и злонамерно несовесно и противзаконито постапувал во случајот со неодземањето на мандатот на пратеникот Талат Џафери од ДУИ поради уставна инкомпатибилност и неспојливост на функциите премиер и пратеник.

– Пријавениот, согласно императивни одредби од дури четири важечки закони и од Деловникот на Собранието, бил должен да ја констатира состојбата на судир на интереси и кумулација на функции кај Џафери и да го дополни дневниот ред на првата наредна собраниска пленарна седница, но истиот одбил да го стори тоа што му било изречна обврска, и покрај поднесеното писмено барање од пратеничката група на Левица, како и покрај јавните укажувања на Државната комисија за спречување на корупцијата – велат од Левица.

Димитар Апасиев – Левица / Фото: „Слободен печат“/Драган Митрески

Од партијата на Димитар Апасиев додаваат дека нивниот правен тим будно ќе ја следи законитоста во работењето на Гаши и ќе реагира на секое противзаконито (не)постапување.
Професорот по управно право Борче Давитковски во изјава за „Слободен печат“ вели дека станува збор повеќе за правнополитички отколку за кривичен аспект и не верува дека од кривичната ќе има некој реален и вистински правен ефект.

– Тоа влегува во сферата на политиката, а не во сферата на кривичното право. Бидејќи е повреден Уставот во смисла на инкопатибилност, неспоивост на двете функции – законодавната со извршната, бидејќи едновремено беше и премиер и пратеник, според мене, Левица требаше да поднесе иницијатива до Уставниот суд. Бидејќи Судот повеќе од правно-политички аспект ги разгледува овие прашања, требаше да се поведе постапка до Уставниот суд со барање времена мерка, односно Уставниот суд да се произнесе, да констатира дека има инкопатибилност и да го задолжи Собранието да не му го верификува мандатот на Џафери, или да му го одземе мандатот доколку не сака да ја напушти функцијата технички премиер. Сега претседателот на Собранието ќе се вади дека е нов, дека има нов Деловник, дека не е надлежен… Овде имаме два од трите столба на власта што Уставот ги гарантира и Уставот забранува инкопатибилност, односно неспоивост, така што мислам дека повеќе ефект ќе имаше иницијатива до Судот. Не верувам дека од кривичната пријава ќе има некој реален и вистински правен ефект – вели Давитковски.

Проф. Борче Давитковски

Гаши одбра да молчи за кривичната од Апасиев. Не коментира ниту Џафери, кој додека беше претседател на Собранието доби околу десет кривични пријави од Левица, меѓу кои за злоупотреба на службената положба, излагање на подбив на македонскиот народ, спречување избори и гласање, злоупотреба на лични податоци, повреда на рамноправноста на граѓаните…

Во последната кривична, овој пат до Гаши, се наведува дека „според позитивните законски прописи, со актот на верификацијата на пратеничкиот мандат на новоизбраниот пратеник Талат Џафери, му престана функцијата претседател на Владата по сила на Устав (ex constitutionis) и по сила на закон (ex lege) – поради неспоивост на функциите. Ова е ноторен и неспорен факт што произлегува од повеќе уставни и законски норми“.

Левица инсистира Гаши да биде повикан на распит поради целосно расветлување на овој кривично-правен настан. Иако го примил барањето од Левица, Гаши не го третираше како документ за одлучување. Претходно, кабинетот на Гаши соопшти дека „Собранието останало конзистентно со претходните случаи кога Владата ги врши само неопходните функции до изборот на нова влада за да обезбеди континуитет и уредна транзиција на власта“.
Џафери, пак, на конститутивната седница на 28 мај рече дека ќе остане премиер, а ќе се воздржи од пратеничките обврски за да избегне судир на интереси.

Антикорупциската комисија веќе реагираше дека не може едновремено функционерите да бидат и министри, премиер и пратеници. Комисијата побара Собранието итно да постапи со функционерите што седат во две фотелји. Според Антикорупциска, со оваа постапка функционерите го изигруваат целиот правен систем, поделбата на власта на законодавна и извршна, а постојат и ризици од мешање и влијание во работата на институциите.

Талат Џафери Фото: Принтскрин

И професорот по уставно право Денис Прешова преку социјалните мрежи повика Собранието да го извести Џафери за законските правила и да констатира престанок на неговиот пратенички мандат.

Наспроти ваквите ставови професорот по уставно прави Јетон Шасивари е на линија на претседателот на Собранието Гаши и смета дека уставната неспоивост на функции не се однесува на влада чиј мандат престанал да постои. Шасивари се повикува на член 93 став 5 од Уставот и објаснува дека Владата останува на должност, но не и на функција до изборот на нова влада, при што основна цел на уставотворецот е да се обезбеди редовно и непречено функционирање на државата до изборот на нова влада, односно да се спречи каков било уставен јаз, блокада и неизвесност од престанокот на мандатот на старата и изборот на новата политичка влада. Тој објаснува дека станува збор за влада што во уставната теорија и практика се нарекува техничка влада, која врши само тековни работи, обезбедувајќи техничко функционирање на владата и нема целосен уставен капацитет и овластувања.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот