Дали производите во есенската кошница ќе поевтинат уште за 10 отсто? Стартува Законот за нефер практики

Производи на каса во маркет / Фото: ,,Слободен печат''- Драган Митрески

Државниот пазарен инспекторат нема ингеренции во овој закон, што значи дека најголемиот товар ќе треба да го понесе Комисијата за заштита на конкуренцијата, која за првпат се среќава со оваа обемна материја

Стартува примената на законот за нефер практики и од викендов 2.500 производи ќе добијат маржа до 10 отсто. Властите долго време го најавуваат ова решение како најдобра опција да се стави конечен ред во хаосот со цените, граѓаните се скептични, а експертите предупредуваат дека институциите не се доволно подготвени за да ги контролираат трговците.

Со овој закон се препознаваат и уредуваат правилата и мерките за спречување на наметнувањето нефер трговски практики, кои отстапуваат од доброто трговско работење и се детектираат нефер трговски практики во синџирот на снабдување со земјоделски и со прехранбени производи, со чие наметнување се искористува значителната преговарачка моќ на купувачот во однос на неговите доставувачи.

Мерките ќе бидат и за дистрибутерите и за увозниците. Со новиот Закон за забрана на нефер трговски практики ќе се подобри и квалитетот на производите, бидејќи во рамките на предвидените 26-те трговски практики, се вметнати и земјоделски производи со краток рок, кој се нарушува и кога нема договори меѓу производителите и добавувачите.

Македонските граѓани се едногласни дека дел од нашите маркети се прескапи и дека трговците нè дерат преку маржите.

– Имајќи ја предвид динамиката на трговските маржи во малопродажните синџири во Македонија, постои огромен простор за намалување на стапките на маржата без да се загрози функционалноста на трговијата – брифираат експерти за „Слободен печат“.

Државниот пазарен инспекторат нема ингеренции во овој закон, што значи дека најголемиот товар ќе треба да го понесе Комисијата за заштита на конкуренцијата, која за првпат се среќава со оваа обемна материја. Маријана Лончар Велкова, претседателка на Организацијата на потрошувачи за „Слободен печат“, предупредува дека не е возможна реалната примена на законот. Таа предлага или со законски измени да му дозволи на ДПИ да контролира и казнува или да се зајакне надлежната комисија.

– Членовите на КЗК досега не работеле на терен, никогаш немале инспекции што работеле на терен, што детектирале пазарни аномалии. За вистинска примена и контрола е потребно институционално искуство, а КЗК сега допрва ќе се соочи со обемна документација, фактури… затоа е потребно прво да се екипираат и да почнат да си ја вршат работата. Колку ќе можат, како ќе можат, ние не знаеме и тука е прашањето за имплементацијата на законот, дали законот ќе биде добро имплементиран што, пак, влијае врз потрошувачите – објаснува Лончар Велкова.

Од ОПМ објаснуваат дека исто така треба да се разграничи дали ќе остане да важи намалувањето на маржите од 10 отсто за 73 производи што влегоа во есенската кошничка и откако ќе стапи на сила Законот за нефер трговски практики. Дотолку повеќе што и тие се влезени во законот со кој, исто така, се предвидува намалување на маржите од 10 отсто.

– Есенската кошничка е актуелна, па поради тоа треба јасно да се каже дали за производите во неа ќе има дополнително намалување на маржите од 10 отсто. Доколку не се намалат прехранбените производи за дополнителни 10 отсто со донесувањето на законот, тогаш мерката нема да има голем ефект врз цените. На овој начин, преку мерката намалување на маржата за 10 отсто, трговците сакаат да го избегнат намалувањето на маржата, кое ќе се содржи во законот – предупредува претседателката на ОПМ.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот