„Човечка грешка“ во Белгија им дозволила на гласачите покрај на европските, да гласаат и на федералните и регионалните избори

Белгија избори / Фото EPA-EFE/FREDERIC SIERAKOWSKI

Експерти задолжени за проверка на регуларноста на изборите за членови на Европскиот, Федералниот и регионалните парламенти во Белгија, што се одржаа на 9 јуни, проценија дека како резултат на „човечка грешка“ на некои млади на возраст од 16 и 17 години им било овозможено покрај на европските, да гласаат и на федералните и регионалните избори.

На овие избори за членови на Европскиот парламент во Белгија, старосната граница за стекнување на право на глас беше намалена од 18 на 16 години. Но, експертите утврдиле дека на дел од гласачите на возраст од 16 и 17 години им биле издадени „погрешни“ електронски картички, што им овозможило да гласаат и за избор на федерални и регионални пратеници, иако имаа право на глас само на европските избори.

При проверката на регуларноста на изборите, експертите главно се фокусирале на електронското гласање што се користи во Регионот на Брисел, во околу половина избирачки места во Фландрија и во двете гласачки места во германското говорно подрачје на Белгија во Валонија. При експертизата биле проверувани само мал број од хартиените гласачки ливчиња што се користеа во избирачките места каде имаше традиционален начин на гласање, поради што, според експертите, не може да се процени дали утврдените неправилности влијаеле на севкупните изборни резултати во земјата.

Политиколог Жереми Додењ од Универзитетот во Намур во гостување во емисијата „Прво утро“ на државната телевизија РТБФ, што емитува програма на француски јазик, изјави дека проценката била направена врз анализиран примерок, односно дека експертите не можеле да извршат проверка на електронските гласови на сите млади лица на возраст од 16 и 17 години.

Според Додењ, се проценува дека во фламанскиот реон Хаселт „погрешни“ електронски картички добиле околу 13 отсто од гласачите на 16 и 17-годишна возраст.

– На други места во Фландрија и Брисел, таа бројката е меѓу еден и шест отсто, истакна Додењ, додавајќи дека ако се има предвид дека во земјата има околу 250.000 лица на возраст од 16 и 17 години сознанијата за „грешка“ може да бидат „загрижувачки“.

Тој нагласи дека како резултат на белгискиот пропорционален изборен систем според Д’Онтовиот модел, „само неколку гласови“ можат да бидат решавачки за тоа на која партија ќе и припадне последниот мандат при распределбата на пратеничките места.

– Не може да се исклучи дека пропустот имал влијание врз конечната распределба на мандатите, додаде Додењ.

Инаку, гласањето во Белгија е задолжително за сите белгиски граѓани кои согласно законот се стекнале со гласачко право.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот