Чистачките се поплатени од менаџерите и пак бегаат од работа

Според податоците на Агенцијата за вработување, со 916 слободни работни места, побарувачката од хигиеничари е далеку над продавачите (574), административните службеници (376) и програмерите за кои има 130 слободни позиции

Побарувачката на хигиеничари веќе три години не се симнува од „тронот“ на најбараните професии на Агенцијата за вработување. Според нивната веб-страница, во моментот има побарувачка за таков кадар и изнесува 916 лица, а бројката е далеку над барањата за продажен кадар (574), за административни службеници (376), за програмери (130), па дури и за возачи на камиони за кои има 296 слободни позиции! Компаниите што со години се во дејноста за одржување на хигиената, велат дека тешко излегуваат со барањето на соодветен кадар, а особено недостасуваат машки работници за чистење излози и прозорци, за перење теписи и возачи за пренос на хигиеничарите и достава на исчистените производи.

Одржувањето на хигиената не се однесува само на дневните потреби на домаќинките, туку и на државните институции, приватните големи компании, а во последните години и на огромните шопинг молови, кои буквално ја апсорбираат целата работна сила.

– Работа има преку глава, ама немаме доволно работници, бидејќи се бара соодветен кадар, кој е искусен во средувањето не само на деловните простории, туку на приватните куќи или резиденции. Се работи според закон, нудиме договори на неопределено време, бонус и превоз. И покрај тоа што се работи за неквалификувана работна сила, платата на хигиеничарите почнува од 25.000, а се нудат и над 35.000 денари и повторно нема доволно заинтересирани на огласите. Во дел од компаниите, чистачките земаат поголема плата од менаџерите – брифираат компаниите од секторот за „Слободен печат“.

Намалената работна сила, зголемената минимална плата, како и се повисоките цени на средствата за хигиена, ги зголемија и цените за дневно чистење, па така сега таа се движи од 2 до 2.500 денари. Граѓаните се жалат дека им е прескапо, па сè повеќе домаќинки сами се трудат да чистат по дома.

– Со месеци барам жена за генералка. Нема слободни термини, а цените се отидени до небо. Од друга страна, не се пушта секој по дома, па затоа барам препорака од сосетките или од колешките – вели една скопјанка.

Делумната причина за ваквата побарувачка на хигиеничарки сè должи и на фактот дека се зголемува бројот на сами лица, кои заработуваат доволно за да не губат време во неделно или месечно одржување. Потребата за чистачки ја наметнуваат и фирмите што управуваат со зградите, кои во цената на одржување мора да обезбедат чисти влезови и сите други внатрешни површини. Потрагата по хигиеничарите трае веќе неколку години, но во последниов период станува сè поизразена со одржувањето на огромните шопинг молови, кои располагаат со илјадници квадрати површини што секогаш треба да блескаат, велат од компаниите чија дејност е одржување на станбениот и на деловниот простор. Тука се и фирмите што управуваат со зградите, кои во цената на одржување мора да обезбедат чисти влезови и сите други внатрешни површини.

– Станува многу тешко. Се чини дека сите бараат работа за да не ја најдат. Пуштаме огласи, ќе се јави некој, ќе дојде на разговор и откако ќе ги договориме деталите, не се јавуваат повеќе, па дури и го исклучуваат телефонот. Најчесто сакаат да не ги пријавуваме, да одработат, да си земат дневница и не се појавуваат повеќе – велат во една фирма за одржување деловни и станбени простории.

Овие компании стравуваат и дали ќе може да одговорат на годишните договори за одржување на канцеларискиот простор, а тоа им влијае врз деловните планови.

– Ако немате доволен број вработени, договорите пропаѓаат. Во последно време не се ни јавуваме на тендери. Не сакаме да ветиме нешто што не можеме да го исполниме, оти има пенали. Затоа се повеќе и не прифаќаме нови клиенти. И во овој сектор, како и во многу други, има заминувања во странство – велат од друга фирма за одржување хигиена.

 Српските чистачки бараат 8,54 евра за еден час работа

Досега чистачите во Белград за својата работа на час наплатуваа околу 6,84 евра, но од неодамна се повеќе од нив ја зголемуваат цената на работата на 8,54 евра. Ако на пример ставиме во пресметката дека работат 8 часа дневно, 20 дена во месецот, ќе испадне дека можат да заработат 1.336 евра! Една чистачка за „Курир.рс“, вели дека било крајно време да им поскапи саатницата бидејќи работата станала поинаква од порано. „Сега има многу повеќе работа од порано, материјалите во становите се пофини, па чистењето понекогаш бара умешност. На пример, повеќе не можете да исчистите некои кади дури и со најсилните хемикалии. Исто така, ги чистиме сите апарати, често во станот има неколку бањи, така што и природата на работата е различна“, објасни таа.

Според медиумите чистачка во Австрија по полн работен век може да смета на пензија од дури 1.340 евра. Инаку, највисока заработувачка имаат чистачките во Данска – 2.500 евра, без сместување. Платата на хигиеничарка во Германија е 2.000 евра со храна и сместување, 1.800 евра заработуваат чистачките во Австрија, без храна и со обезбедено сместување, додека во Хрватска таа се движи околу 1.100 евра на море, без сместување и храна.

Според едно германско истражување, работата на црно во домаќинствата помеѓу 2005 и 2017 година опаднала за само 5 отсто, а и натаму на црно работат 89 отсто од чистачите.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот