Чекор до гола држава!

мерсел биљали
Мерсел Биљали, аналитичар, Фото: Архива

Кажуваат дека Кристофер Колумбо по враќањето од дотогаш непознатата Америка, целито живот бил во конфузија, оти кога тргнал – не знаел каде оди; кога стасал – не знаел каде се наоѓа; а кога се вратил – не знаел каде бил…

Кога мислeвме дека конечно кај нас е закопан тој примитивен национализам и дека тргнуваме кон нормалното, болни за власт секој ден хистерично посипуваат отров врз односите со нормалноста! Дали тоа е поради некоја нивна скриена агенда (која е сè појасна), или поради занесеност од вишок власт, или пак поради нешто трето, факт е дека кај нас во погон e вратeн агресивниот национализам. А национализмот прво што прави – ја убива душата на еден народ, а потоа иднината, за на крајот да се врати кај самите тие што го практикувале. А во нашата политичка пловидба натпросечно имаме потпросечни националисти што не знаат каде пловат.
Како и да е, ова на Бугарите им дојде како „кец на десетка“ во нивните напори за докажување на наша глупавост. Сега цела Европа разбра Бугарите со кого имаат работа. Со тешки милиони Бугарите не ќе можеа да го постигнат тоа што овие два-три дена гратис им го сервираа нашите водачи. Бугарската порака гласи – сега да знаете кого утре примате во ЕУ! А таквата порака е јасна за секој Европеец кој има грам ум.
Интересно е, како тоа кај нас новите водачи, меѓу многубројни модерни патишта избираат слеп пат! Наместо да учат од грешките од минатото, тие ги дуплираат. Никој не чука глава како тоа од втора рангирана држава по развој меѓу 16 држави од Источна Европа, сега сме последна. Рамно 34 години се движиме во спротивна насока на развојот. За 34 години, тој „лошиот“ Тито 11 пати го зголемил животниот стандард во споредба со 1945! А ние и по 34 години независност сè уште сме во фаза – „ќе нè биде ли“?!
Цезар ќе кажеше – дојдов, видов и не им верувам на очите! Тоа е кога намерно ќе го исфрустрирате наивниот народ за да јаде корења, а самите како „патриот“ спиете над тешки милиони! Итриот водач нема да го чита Марксовиот „Капитал“, туку ќе го присвои. Најлесно се станува богат продавајќи илузии! А за ваков народ не постои грешка што не знае да ја прости!
По толку години независност проследена со уназаденост, некои полуотрезнети се чудат како тоа некои држави што многу биле зад нас, ги фатија сите дванаесет ЕУ-ѕвездички! А ние останавме под отворено небо. Заглавени сме со декади во споредни за’рѓани колосеци, гледајќи ги низ скршен прозорец туѓите брзи возови за Брисел, перманентно повторувајќи ја глупавата фраза – „ќе нè биде ли“?!
А сега лекот што ни го нуди новата власт е полош од отровот од кој сме отруени. Наместо да тргнеме кон суштинското – договор за нов систем, каде што ќе се прави договор како да профункционираат институциите, како до рамномерни странски инвестиции, како до модерно земјоделие и сточарство, како до рурален туризам, како до нормално правосудство, како до професионална јавна управа, како до квалитетно образование, здравство, јавни услуги, оваа власт нè упатува да го чекаме Годо, кој никогаш не стасува. Се уморивме слушајќи кој колку крадел, а никој ниту одговара ниту нешто враќа од украденото. Кај секоја нормална држава, за крадењето зборува судството, а не здодевните партиски портпароли. За корупцијата не се зборува туку се постапува.

Антизападна ориентација!

Од првиот настап како власт, а и претходно се почнало со минирање на прозападната ориентација, на ЕУ-интеграцијата, на Коридорот 8. Блокадата се вика „бугарски диктат“. Страшни отровни стрели беа фрлени кон Коридорот 8, кој по сите параметри државата го претвора во балкански крстопат. На исток ја поврзува со Бугарија, Турција, Романија, Молдавија, Украина и целото Црно Море, а на запад со Албанија, Јадранското Море, со Италија и целото Средоземно Море. Секој што е упатен во трансевропските коридори, знае дека Македонија како крстопат на двата коридора силно би се здобила со геополитичи позиции, а и економски би напредувала.
Некој умен треба да се запраша зошто Србија толку силно работи за елиминирање на Коридорот 8, а самата интензивно гради модерен автопат Ниш – Прокупље – Мердаре, поврзувајќи се со Приштина и Драч. А веќе наголемо лобира за железничкото поврзување со косовскиот град Пеќ, па сè до Драч?! Значи тоа важно го сака за себе. Тоа видно би го маргинализирало македонскиот дел од Коридорот 8, создавајќи своја варијанта на К-8, со цел да биде клучка на трите континенти. Исто така, познато е дека важниот крак на српскиот К-10 (Ниш – Истанбул), одзема добар дел од добивката што ќе ја добиеше Македонија доколку беше во функција К-8. Српскиот лев крак од К-10 (Ниш – Софија) директно се поврзува со Коридорот 4, десно кон Грција (Солун, Кавала и Александрополу), а лево кон Романија, Молдавија и Украина.
Да го имавме завршено К-8 како што го форсираше своевремено тогашниот премиер Георгиевски, сега голем дел од српскиот, романскиот, бугарскиот, турскиот и црноморскиот транспорт ќе се одвиваше низ Македонија. Да беа завршени навреме компонентите на Коридорот 8, денес Македонија ќе беше многу поразвиена земја и веројатно членка на ЕУ. Бугарите немаше да нè уценуваат со ништо оти голем дел од нивниот транспорт ќе се одвиваше низ Македонија. Башка што ќе имавме многу повеќе странски инвестиции, а би се отвориле многу работни места во должина на коридорот (бензински пумпи, ресторани, хотели, мотели, сервисни услуги, продавници итн.), плус таксарината за транзитот. Башка ќе се поврзавме и со важните регионални гасоводи ТАНАТ и ТАП. Македонија беше меѓу првите што почна со двата коридора (во 1993 година), но потоа застана. Оти, личниот интерес покриен со националистички гнев, сето тоа го фрли во мочуриште.
Играта што ја води новата власт е директна услуга за „Српскиот свет“ и Русија, а допрва ќе се види кој ќе го плати најскапиот цех. Сосема е извесно дека најслабиот плаќа највисока цена. Башка ако не знае, а злоупотребува. Многубројни анализи наведуваат дека вака како што прави, Македонија го ризикува сопствениот опстанок. А Србија нема да ја спаси оти самата се надева на нејзин голем дел. Некако се чувствува дека главен град веќе не ни е Скопје, туку Будимпешта и Белград во координација во Москва. Во таа насока, дури и Охридската архиепископија била притисната јавно да ја поддржи страната на Московската патријаршија во однос на Украинската православна црква. И така новата власт прави пријатели насекаде каде што се непријателите на Западот.

Порака кон создавачите на РС Македонија

Познато е дека во ептен турбулентно време, Американците ја создале Република Македонија. И цело време ја штителе. А сега таа со дрвја и камења кон таа велесила како благодарност. Мицкоски вака се заблагодари: „Кога станува збор за меѓународната политика, никогаш нема да нè видите како клечеме или да се омаловажуваме. Во изминатите години имав можност да се сретнам со светски власти од Вашингтон до Брисел и Берлин. Нема ништо поинспиративно за мене од македонскиот народ и држава“.
На здравје, премиере! И сопствената мајка ако силно ја прегрнувате можете да ја задушите! Се плашам дека од ветувањето за посветла иднина, брзо ќе ни се затемни. Тито имал свој Голи Оток, а ние вака нема да имаме ниту гола држава.

Либертас.мк

(Авторот е политички аналитичар)

ЈАЗИКОТ НА КОЈ СЕ НАПИШАНИ, КАКО И СТАВОВИТЕ ИЗНЕСЕНИ ВО КОЛУМНИТЕ, НЕ СЕ СЕКОГАШ ОДРАЗ НА УРЕДУВАЧКАТА ПОЛИТИКА НА „СЛОБОДЕН ПЕЧАТ“

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот