Цевководот под мостот „Беласица“ мора да се монтира за „Те-То“ да испорачува повеќе топлинска енергија за Скопје

мост Беласица/слободен печат/фото Слободан Ѓуриќ

Да не оставаме на случајности, да бидеме подготвени за следната грејна сезона и за испорака на топлинска енергија во најекстремни услови. Ова го апелирам со цел за завршување на цевководот, за што повеќе количини топлинска енергија да добиваме од „Те-То“, која во моментов е за 35-36 проценти поевтина од цената на топлинската енергија што ја даваат топланите, вели претседателот на РКЕ, Марко Бислимоски.

Цената на природниот гас на пазарот е стабилизирана, па сега следува период во кој се отвора можност да се намали цената на парно греење за домаќинствата. Од 1 август граѓаните, во чии домови топлинска енергија испорачува ЕСМ, ќе добијат сметки пониски за 3,16 отсто, намалување во кое не се вкалкулирани субвенциите што досега ги даваше државата. Доколку државата продолжи да субвенционира, цената за домаќинствата би била пониска за 17,35 отсто.

Во најголемиот систем во градот Скопје, кој има 59 илјади потрошувачи, кај домаќинствата цените за парното ќе се намалат за 3,16 проценти. Цените за парно за сите други потрошувачи што се недомаќинства, училишта, институции и други комерцијални објекти ќе се намалат за 17,3 проценти. Ова намалување за домаќинствата од 3,16 проценти е без субвенции. Во изминатиот период за субвенционирање на парното во град Скопје од буџетот на државата беа издвоени приближно 12 милиони евра. Во изминатиот период цените на природниот гас се стабилизираа, па оттука не гледам никаква причина да има и понатаму субвенции – рече на прес-конференција претседателот на Регулаторна комисија за енергетика, Марко Бислимоски.

Цената во Скопје Север за домаќинствата се намалува за 1,71 процент, за останатите 17,22 проценти, додека граѓаните чии домови ги топли ЕСМ Енергетика ќе плаќаат за 0,5 проценти пониски сметки, а останатите парното ќе ги чини дури 40 проценти помалку отколку до сега.

За институциите и комерцијалните објекти ова е второ поевтинување за шест месеци, кое вкупно во просек изнесува околу 53 проценти.

Намалувањето на цената е исклучително важно затоа што на тој начин ќе се спречи откажувањето на граѓаните од парно и оптоварување на електросистемот и ќе се зголеми бројот на заинтересирани идни потрошувачи. А зголемувањето на бројот на потрошувачи води кон натамошно намалување на цените.

Апелирам да се прифатат измените за Законот за градба што ги предложи Регулаторната комисија за енергетика, со цел да се знае однапред кои домаќинства на што ќе се греат. Македонија е енергетски сиромашна земја и таму каде што има организиран систем за топлинска енергија, мора да се користи таа топлинска енергија за греење на граѓаните. На тој начин ќе се зголеми бројот на потрошувачи и со тоа уште повеќе ќе се намалат цените за топлинска енергија – истакна Бислимоски.

Марко Бислимоски – претседател на Регулаторна комисија / Фото: „Слободен печат“/ Драган Митрески

Тој апелираше и конечно да се постави цевководот под мостот „Беласица“, кој беше опожарен пред повеќе од една година, со што ќе се овозможи што повеќе топлинска енергија да се испорачува од „Те-То“.

Изминатите две зими беа исклучително поволни, немаше голем број денови со минусни температури, затоа апелирам конечно да се заврши реконструкцијата на цевководот на мостот „Беласица“. Да не оставаме на случајности, да бидеме подготвени за следната грејна сезона и за испорака на топлинска енергија во најекстремни услови. Ова го апелирам со цел за завршување на цевководот, за што повеќе количини топлинска енергија да добиваме од „Те-То“, која во моментов е за 35-36 проценти поевтина од цената на топлинската енергија што ја даваат топланите – нагласи претседателот на РКЕ.

Со одлука на Регулаторната комисија, „Те-То“ е задолжен да обезбедува 60 проценти од топлинската енергија за Скопје, но тоа е тешко без да се постават топловодните цевки под мостот.

На почетокот на мај, непосредно пред изборите, мостот „Беласица“ беше целосно пуштен во сообраќај, но без да бидат поставени цевките под него.

Молк од Град Скопје и од ЕСМ: Ништо не се работи ни на мостот „Беласица“, ни под него, а никој не кажува зошто

Во текот на изминатата година, екипи од ЕСМ ги размонтираа опожарените цевки и најавија дека ќе монтираат нови. Помина есента, зимата, цела грејна сезона, а новите цевки и останаа да лежат покрај мостот, додека од компанијата постојано одговараа едно исто – дека станува збор за сложена активност без да прецизираат кога и зошто не се поставува топловодот.

Во текот на изминатиот период, ЕСМ Дистрибуција активно работи на санација на цевководот кај мостот „Беласица“. Успешно беа отстранети оштетените цевки и донесени се нови. Поставувањето на новите цевки е комплексна активност и бара сериозна посветеност и работа и се вложуваат максимални напори за санацијата да заврши во најкус можен рок. Додека траат активностите за поставувањето на новите цевки, се користи алтернативниот вод на железничкиот мост, кој има капацитет да врши континуирана испорака на топлинска енергија до потрошувачите – одговорија од ЕСМ во јануари.

Оттогаш досега нема информација дали и кога планираат да ги монтираат цевките и дали тоа ќе се случи пред почетокот на новата грејна сезона.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот