Целта (не секогаш) ги оправдува средствата

Весна Попоска

Специјалниот комитет на Обединетите нации за Палестина излезе со план за две држави и заеднички администрирана територија во делот на Ерусалим и Витлеем, кој не беше прифатен. Оттогаш, Либан е прибежиште за многу бегалци од палестинските територии

Крвавите конфликти на Блискиот Исток, за жал, не се новост, туку долгорочна и комплексна историја. Сепак, има неколку клучни настани што ја исцртуваат линијата на конфликтот до денес: создавањето на независната израелска држава во 1948 година, по егзодусот на Евреите во Втората светска војна, на палестинска територија (администрирана во тоа време од Британците) каде што веќе живееше арапско население.
Специјалниот комитет на Обединетите нации за Палестина излезе со план за две држави и заеднички администрирана територија во делот на Ерусалим и Витлеем, кој не беше прифатен. Оттогаш, Либан е прибежиште за многу бегалци од палестинските територии. Токму затоа, во 1975 година, земјата беше втурната во граѓанска војна: постои согласност меѓу историчарите дека војната избувна како резултат на периодот на растечка поделба меѓу оние Либанци што го поддржуваа правото на палестинскиот отпор да организира операции против Израел од либанско тло, и оние што се противеа.

Подемот на Хезболах

Израел го нападна Либан во 1982 година за да го протера палестинското ослободително движење, што доведе до продолжена окупација. Како одговор на израелската инвазија, беше формирана Хезболах, шиитска милитантна група поддржана од Иран, која во 1985 година, преку отворен манифест, за своја цел ја постави конфронтацијата со Израел и со западните земји.
Хезболах оттогаш е значаен играч во конфликтот, вклучувајќи се во многубројни судири со израелските сили. По низа ескалации, последната се случи во октомври 2023 година и се уште трае, кулминирајќи со досега невидени напади преку електронски уреди.
Од друга страна, Хамас е исто така паравоена организација од помал обем, која се бори за палестинско ослободување. Таа е формирана за време на првата Интифада во 1987 година, но е доминантно сунитска. Сунитско-шиитската шизма не е новост и се оцртува на повеќе линии и во современите меѓународни односи.

Смртоносни пејџери

Пејџинг уредите што ги користеа силите на Хезболах во Либан и во Сирија, експлодираа речиси истовремено на 17 септември, оставајќи според локалните извештаи, најмалку девет мртви и 2.800 повредени. Следниот ден, воки-токи уреди експлодираа низ цел Либан, при што загинаа 20, а беа повредени најмалку 400 лица. Милитантната група го обвини својот противник, Израел. Израелските власти засега одбиваат да коментираат.
Во секој случај, Израел е одамна во војна со паравоената организација, но е многу внимателен по прашањето на примената на меѓународното хуманитарно право, односно не е потписник на дополнителните протоколи на женевските конвенции што генерираат зголемен степен на заштита. Инхерентното право на државите на самоодбрана е нивната ѕвезда-водилка.

Сепак, дури и оправданоста или дозволеноста на употребата на сила во меѓународното право, не дава за право – силата што се употребува да биде неограничена, без оглед дали актерите на конфликтот пристапиле кон определена конвенција или не.
Од Мартенсовата клаузула до денес, без оглед колку се менуваат формите на војувањето, основните принципи остануваат исти, иако се интерпретираат во различен контекст, балансирајќи ги пропорционалноста, неопходноста, дистинкцијата и воената потреба со принципот на хуманост.
Именувана е по Фјодор Фјодорович Мартенс, кој ја воведе клаузулата за првпат во Преамбулата на Хашката конвенција од 1899 година (како компромис во дискусиите за третманот на борците на кои не им е доделен статус на воен затвореник). Мартенс клаузулата, денес сфатена како општа применливост, доби статус на вообичаено правило и беше усвоена, или целосно или делумно, од други инструменти на МХП.
Ефектот на клаузулата е да се нагласи дека во случаи кои не се опфатени со договорите за МХП, лицата погодени од вооружени конфликти никогаш нема да се најдат целосно лишени од заштита. Наместо тоа, однесувањето на воинствените држави останува регулирано на минимум со принципите на правото на нациите, човечноста и хуманоста.
Дури и ако се земе предвид идејата дека тој тип пејџери се користеле единствено од Хезболах и јасно и прецизно таргетирале единствено поединци што би претставувале легитимна воена цел (колку и да звучи непријатно, тоа е соодветната правна терминологија) заради активно учество во непријателствата (што никој никогаш не би можел да го докаже), начинот на ликвидација или неутрализација на непријателот е спротивен на принципите на меѓународното право, затоа што предизвикува дополнително непотребно страдање и има недискриминирачки ефект врз околината.
Не секоја колатерална штета може да се оправда со легитимна воена цел, особено ако остава слики на терор коишто долго ќе се паметат и ќе останат врежани во историјата на човештвото. Некои граници, едноставно, не смеат да бидат преминати!

Республика

(Авторката е универзитетска професорка)

ЈАЗИКОТ НА КОЈ СЕ НАПИШАНИ, КАКО И СТАВОВИТЕ ИЗНЕСЕНИ ВО КОЛУМНИТЕ, НЕ СЕ СЕКОГАШ ОДРАЗ НА УРЕДУВАЧКАТА ПОЛИТИКА НА „СЛОБОДЕН ПЕЧАТ“

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот