Бурекот „исечен“ за пет денари, поевтин и ѓеврекот и белите пецива

Последното поскапување на бурекот се случи пред два месеци, кога пекарите без најава почнаа да продаваа еден четврт со повисока цена за 10 денари. Најголем скок на цената на бурекот се случи во 2022 година, кога од 50 денари за четврт тој скокна на 70 денари

Дел од пекарниците денес ја намалија цената на бурекот за 5 денари, па така еден четврт сега се продава од 70 до 75 денари. Цената на јогуртчињата остана иста. Нова цена имаат и гевреците кои исто така поевтинија за 5 денари и сега чинат од 20 до 25 денари во зависност од понудата. Има промени и кај некои од цените на белите печива кои се печат во маркетите и тие се пониски за 5 денари.

Ваквото намалување следуваше откако Горан Трајковски, директор на Државниот пазарен инспекторат ги потсети пекарите дека владината Одлука за ограничување на профитните маржи на трговците до 10 отсто, ги опфаќа и бурекот и јогуртот и белите печива, откако граѓаните им се пожалија дека бурекџилниците не ја фермаат мерката. Во сите лански мерки за дисциплинирање на инфлацијата пекарските производи не беа опфатени, па граѓаните во изминатиот период најмногу се жалеа на цените на бурекот, питите, гевреците…

-Имаше такви дилеми, но бурекчилниците се опфатени со одлуката за ограничување на маржата, и тоа според Законот за трговијата, член 3. Инспекторите прават контроли во маркетите, а денес се предвидени контроли на трговците на мало и на бурекчилниците, а потоа се на ред трговците на големо. Во одлуката за ограничување на маржата влегува и јогуртот – рече Трајковски.

Во контрола се излезени 40 тима со над 120 инспектори и се прават проверки во маркетите на територијата на целата држава.

Премиерот Христијан Мицкоски уште во февруари годинава забележа дека бурекот и јогуртот се прескапи, критикувајќи ги антикризните мерки на претходната влада. Како пример, Мицкоски тогаш ја посочи цената на чинење на четвртина бурек со јогурт, истакнувајќи дека пред неколку години омилениот појадок можеше да се купи за 50 денари, додека сега тој чинел 120 денари.

-Добро е да ги потсетиме нашите претходници дека четврт бурек со јогурт пред неколку години беше 50 денари, сега е 120 денари – рече зимоска Мицкоски.

Последното поскапување на бурекот се случи пред два месеци, кога пекарите без најава почнаа да продаваа еден четврт со повисока цена за 10 денари. Во дел од поголемите пекарници, кои работат 24 часа, популарната четвртина наместо за 80, стигна и до 90 денари, додека ексклузивните видови отидоа и до 100 денари. Најголем скок на цената на бурекот се случи во 2022 година, кога од 50 денари за четврт, тој скокна на 70 денари.

Тогаш се случи и драстично поскапување на цената и на белите печива кои од пред две години се продаваат од 30 до 60 денари.
Во јуни пак, за 10 отсто поскапеа белиот и полубелиот леб на парчиња и наместо за 29, тој до вчера се продаваше од 30 до 34 денари. Причина, беше зголемената цена на пченицата на светските берзи и во Србија, од каде што набавуваме најголем дел за домашното производство на леб. Во 2022 година цената на одредени видови на леб беше зголемена за дури над 100 отсто.
Како што веќе пишуваше „Слободен печат“, секое трето лице што влегува во пекарница купува бурек и тој е ден од најомилените појадоци на нашите граѓани.

Владината одлука за ограничување на маржите до 10 отсто која е на сила се однесува на над 70 производи. Со есенската кошничка се опфатени брашното, лебот, тестенините, оризот, зејтинот, месото, млечните производи, јајцата, овошјето и зеленчукот, теглите со ајвар, шеќерот, млечното чоколадо, повеќе видови зачини и меленото кафе. Мерката ќе биде на сила до крајот на октомври и според очекувањата треба да ги намали трошоците за храна во просек за околу 10 отсто.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот