Бугарското МНР реагира за државно спонзориран говор на омраза, Османи на Кондов му објаснувал дека Ковачевски не ја критикувал цела Бугарија туку поединци

Бугарскиот службен министер за надворешни работи Иван Кондов вчера на заедничкиот состанок во Брисел на министерите за надворешни работи на земјите-членки на ЕУ со колегите од Западен Балкан реагирал дека во РС Македонија има државно спонзориран говор на омраза, еднострани провокативни акции, кршење на човековите права, како и на правото на здружување и правото на правично судење, а за такви нешта нема место меѓу заедничките вредности на европското семејство, соопшти бугарското Министество за надворешни работи. Оттаму доаваат и дека министерот Кондов ги информирал колегите дека во РС Македонија има списоци на бугарски државјани, вклучително и членови на Европскиот парчамент, на кои не им е дозволен влез на територијата на државата.

Министерот Кондов по состанокот со министрите и по седницата на Советот за надворешни работи на ЕУ остварил билатерална средба со македонскиот министер за надворешни работи Бујар Османи на кој разговарале за изјавата на премиерот Димитар Ковачевски дека „дискурсот што се користи од страна на Бугарија кон Северна Македонија е многу сличен на дискурсот што Руската Федерација го користи кон Украина“, што тој ја даде минатата седмица во своето обраќање на Самитот на Советот на Европа во Рејкјавик, Исланд, земјата која е актуелен претседавач со ЕУ. Кондов за бугарските медиуми изјави дека добил објаснување од Османи.

– Тој се обиде да објасни дека говорот на премиерот де факто бил поврзан со конкретни политичари, а не, во принцип, со политиката на Бугарија. Но, јас го го поставив прашањето – зошто во таква ситуација е посочена Бугарија, а не конкретниот политичар на кој се однесувало тоа – рече Кондов.

Министерот Османи, пак, по состаноците во Брисел на својот профил на Фејсбук утрово објави дека побарал забрзување на интеграцијата.

– Добро утро. Вчера во Брисел, заедно со министрите за надворешни работи на Германија, Австрија и воопшто на ЕУ, го промовирав концептот „Повеќе интеграција пред членството – објави Османи.

Министерот Османи во Брисел: извор ФБ профил на Османи

Службениот министер Кондов, пак за бугарските медиуми објасни и за кои други прашања се интересирале министрите за надворешни работи од земјите на Западен Балкан и најави дека ќе нема забрзана интеграција.

– Некои од колегите го поставија прашањето за побрзо проширување или побрза лента. Укажав од наша страна дека е исклучително важно да се почитуваат сите обврски, вклучително и промената на Уставот. Исто така укажав дека во сегашната ситуација, во која Бугарија се споменува на таков начин (споредена со Русија н.з.), како и продолженото нарушување на човековите права секако не е начин за побрза интеграција, конкретно за Северна Македонија – изјави Кондов.

Тој уште рече и дека „Бугарија нема интерес од отфрлање на принципот на едногласност во гласањето за прашања од надворешната и безбедносна политика“. Таква иницијатива на почетокот на мај презентираа девет земји-членки на ЕУ, со цел да се подобри ефективноста и брзината при одлучувањето, наспроти обидите за непринципиелни пазарења или вета.

Бугарското МНР во своето соопштение наведе дека неформалниот ручек со  министрите за надворешни работи на шесте земји од Западен Балкан беше посветен на соработката на ЕУ со регионот на полето на Заедничката надворешна и безбедносна политика на ЕУ, вклучително и поддршката на Унијата за зајакнување на отпорноста и безбедноста на земјите од регионот, нивниот капацитет за справување со хибридни и сајбер закани, дезинформации и несакано странско влијание и мешање во сегашниот сложен геополитички контекст, борбата против тероризмот и насилниот екстремизам, со организиран криминал и илегална миграција.

„Во својот говор, министерот Иван Кондов повторно го истакна високиот приоритет за Бугарија и стратешкото значење за ЕУ во целина за безбедноста на Западен Балкан, потребата од продолжување на поддршката на земјите на нивниот пат кон европската интеграција и тековните реформи, односно за напредок врз основа на сопствените заслуги, почитување на темелните вредности на Унијата и добрососедските односи. Во тој контекст, првиот бугарски дипломат истакна дека едностраните провокативни акции, говорот на омраза спонзориран од државата, кршењето на човековите права, правото на здружување и правото на правично судење во случаите на нивно прекршување немаат место меѓу заедничките вредности на нашето европско семејство“, соопшти бугарското МНР.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот