Бугарската позиција за Македонија забетонирана со Декларација, Софија повикува на заеднички прослави и враќање на дијалогот

Бугарско собрание/ Фото: МИА

Синоќа, неколку часа пред да се распушти Народното собрание на Бугарија поради претстојните парламентарни избори закажани за 29 октомври, бугарските пратеници едногласно, со 178 гласа „за“ ја усвоија Декларацијата во врска со прекинатиот дијалог меѓу Бугарија и соседна Македонија по навредливите и провокативни изјави од македонската страна упатени кон бугарските политичари и народот.

Документот е насловен „Декларација во врска со систематското и методично уништување на дијалогот меѓу Република Северна Македонија и Република Бугарија и провокативните и навредливи изјави кон Бугарија од страна на владејачките политички фактори во Република Северна Македонија“. Претходно Декларацијата ја усвои Собраниската комисија за надворешни работи со која зад затворени врати претседаваше пратеникот и претседател на ГЕРБ Бојко Борисов.

Во Декларацијата се потврдува „политичката намера и аспирација за завршување на изградбата на Паневропскиот Коридор 8 од бугарска страна и се повикува владата на Република Северна Македонија одговорно и со добра волја да пристапи кон сите обврски и договори со цел навремена изградба на делниците од трасата на Паневропскиот Коридор 8 на нејзина територија, се инсистира на враќање на позитивниот дијалог прекинат од РСМ и запирање на антибугарската кампања и провокативните изјави кон Бугарија во РСМ и се потврдува волјата на бугарската држава и институции во однос на организирање на заеднички прослави на заеднички историски настани и личности, со оглед на богатата заедничка историја на двете земји“.

Во документот се „изразува категорично несогласување со негирањето на заедничката историја на РСМ и Бугарија од страна на членовите на Владата на Северна Македонија, што е директно кршење на Договорот за пријателство, добрососедство и соработка меѓу Република Бугарија и Република Северна Македонија од 2017 година“.

Во преамбулата на Декларацијата се апелира до институциите во Македонија, во духот на европските вредности и слободи, да се воздржат од одлуки и дејствија кои сериозно би им наштетиле на односите меѓу двете земји и нивните граѓани. Документот се темели на Фундаменталното значење на Договорот за пријателство, добрососедство и соработка меѓу Република Бугарија и Република Северна Македонија од 2017 година и важноста на билатералните протоколи од состаноците на Мешовитата меѓувладина комисија од чл. 12 од 2019 и 2022 година, како и одлуката на 47. Народно собрание во врска со проширувањето на Европската унија и преговарачкиот процес со Република Северна Македонија од 24 јуни 2022 година, како и Декларацијата од 2 февруари, 2023 „во врска со ескалацијата на агресивните антибугарски манифестации во Република Северна Македонија“.

Инаку, со Одлуката која Народното собрание на Бугарија ја донесе на 24 јуни 2022 година се бараше гарантирање на правата на Бугарите во Македонија, вклучително и преку нивно вклучување, на рамноправна основа со другите народи, во македонскиот Устав како услов под кој Република Бугарија може да поддржи каков било чекор од процесот на европска интеграција на Македонија, а се потенцираше и непризнавањето на постоењето на „македонски јазик“ од страна на Бугарија.

Неколку дена потоа, македонската Влада потврди дека го добила францускиот предлог за решавање на спорот со Бугарија и отворање на преговорите за Македонија кој во Преговарачката рамка за членство на Македонија во Европската Унија, ги вклучи и билатералните услови кои ги постави Бугарија.

Политичките ривали во Бугарија едногласно ја поддржаа Декларација за осуда на македонските власти

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот