Бугарија сака да ја купи распаднатата куќа на писателот Димитар Тaлев во Прилеп за да ја претвори во музеј

Куќата на Димитар Тaлев во Прилеп се распаѓа/Фото: БГНЕС/Wikipedia

Бугарската влада го задолжи министерот за култура Најден Тодоров што поскоро да ја истражи можноста и ја започна постапката за купување на родната куќа на писателот Димитар Талев во Прилеп. Околу ова се обединија министрите од кабинетот на премиерот Димитар Главчев на вчерашната оперативна средба, пренесуваат бугарските медиуми.

-Донесена е одлука за стекнување на имотот од страна на бугарската држава уште во јуни 2023 година, но досега не се преземени конкретни дејствија. Ова е и причината што темата и формално влезе во агендата на извршната власт. Конкретна причина за одлуката на Министерскиот совет е информацијата за уривање на дел од куќата, која со години се урива и нејзината состојба е исклучително лоша, пишуваат медиумите во Бугарија.

Според нив проблем е во тоа што во моментот само сопственичката на 2/3 од имотот се изјаснила дека сака да го продаде нејзиниот дел, а во 2023 година цената што таа ја побарала е 100.000 евра. Но, другата 1/3 е на друг сопственик, кој категорично одбива да го продаде својот дел на бугарската држава.

„Ова е прашање што не треба повеќе да се одложува. Мора да се најде итно решение, да се преземат сите активности за спас на куќата на големиот бугарски писател, вклучително и дипломатски. Им должиме на нашите деца, куќата мора да се зачува, реставрира и да се претвори во музеј“, нагласи бугарскиот премиер.

Писателот Димитар Талев, родум од Прилеп по доаѓањето на комунистите на власт во Македонија, е затворен под обвинение дека ширел великобугарски шовинизам. Откако е ослободен во 1948 година тој продолжува да живее и работи во Бугарија. Починал во Софија на 20 октомври 1966 г. во Софија. Во Бугарија Талев се смета за еден од класичните бугарски автори од XX век, а во 2009 година неговиот роман „Железниот свеќник“ е избран на 4. место од 12 наjсакани книги од бугарските читачи.

Димитар Талев од УНЕСКО беше славен како значаен бугарски писател во 1998 за неговиот придонес кон светската култура.

Минатата година роднини на писателот Талев побараа од бугарската држава да се направи „се што е потребно за да се зачува овој споменик на Бугарија во Македонија“.

Снежана Аческа, сопственичка на куќата на Димитар Талев тврдеше дека и наследниците биле избркани од Македонија и доживеале слична судбина како и писателот во повоените години.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот