Борисов порача: Никој не може да отстапи од Договорот и од преговарачката рамка

Лидерот на ГЕРБ, Бојко Борисов/Фото: EPA-EFE/LUDOVIC MARIN / POOL

Албанија оди напред, а колегите од Северна Македонија се соочуваат со последиците на своето однесување, рече Борисов

Бугарија и Република Северна Македонија потпишаа Договор за добрососедство, кој е вклучен во планот за проширување и никој не може да отстапи од него, изјави лидерот на ГЕРБ, Бојко Борисов, кој е и претседател на Комисијата за надворешна политика во Националното собрание на Бугарија.

Борисов повика на трпение.

„Од нас се бара трпение. Реагираа сите институции. Не треба ние да изгледаме агресивни, бидејќи тактиката на нашите колеги од Северна Македонија е ние да бидеме виновни“, предупреди лидерот на ГЕРБ.

Борисов истакна дека „секој што ќе го прекрши добриот тон, а Бугарија не е таква, бидејќи ние никако не го прекршивме добриот тон, ќе ги трпи последиците од тоа“.

„Сакам да го уверам бугарскиот народ дека сè што направивме во Европската народна партија, во Европскиот совет, во Европската комисија, беше многу добро слушнато. Така функционираат европските институции. Не се закануваат, не навредуваат, а резултатот е Албанија ќе оди напред. Таа го прифати бугарското малцинство, а нашите колеги од Северна Македонија да го понесат она што го создаде нивното досегашно однесување“, рече Борисов и додаде дека ќе се обиде да ги убеди колегите во Комисијата за надворешни работи да не се однесуваат емотивно, туку да се однесуваат прагматично и разумно.

„Понекогаш велат дека одмаздата е најдобра кога се сервира ладна. Ние како држава мораме да се исправиме и да не го следиме тонот на некаков министер“, рече лидерот на ГЕРБ.

Бугарските медиуми вчера пренесоа информација дека постојаните претставници на ЕУ на состанок во Брисел едногласно се согласиле да започнат преговори за членство со Албанија.

Дипломатски извори во Брисел за БНР укажуваат дека тоа значи одвојување на процесот на Албанија од оној на Северна Македонија.

Разговорите официјално ќе започнат на 15 октомври на Меѓувладината конференција ЕУ-Албанија во Луксембург, почнувајќи со Кластерот 1 „Фундаментални прашања“.

Борел: Проширувањето останува главен приоритет за ЕУ

Високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност, Жозеп Борел, вчера ги прими лидерите на Западен Балкан на неформален состанок во Њујорк, со што ја потврди посветеноста на ЕУ да го поддржи Западен Балкан на нивниот европски пат.

Борел на присутните државници од земјите од Западен Балкан им истакнал дека проширувањето останува главен приоритет на ЕУ.

„Средбата беше и можност да се потсетиме на потребата од решавање на постоечките билатерални спорови. Високиот претставник Борел ја истакна важноста на добрососедските односи, постигнати преку дијалог и компромис, како суштински чекори кон интеграцијата во ЕУ. Лидерите мора да преземат храбри, стратешки одлуки за да ги унапредат своите европски аспирации“, се наведува во соопштението на Европската служба за надворешни работи, испратено по состанокот одржан на маргините на Генералното собрание на ОН.

На средбата присуствуваа: претседателката на Северна Македонија Гордана Сиљановска-Давкова, претседателот на Србија Александар Вучиќ, премиерот на Албанија Еди Рама, претседателот на Претседателството на Босна и Херцеговина Денис Бекировиќ, заменик-претседателот на Владата на Црна Гора за надворешни и европски прашања Филип Ивановиќ, како и претседателката на Косово, Вјоса Османи.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот