Борис Џонсон тврди дека кралицата Елизабета Втора имала рак: „Знаев за тоа повеќе од една година пред нејзината смрт“

Борис Џонсон и кралицата Елизабета / Фото: EPA

Поранешниот британски премиер Борис Џонсон наскоро ќе ги објави своите мемоари „Ослободен“, во кои, меѓу другото, пишува и за последната средба со покојната кралица Елизабета Втора. Според Џонсон, на кралицата ѝ бил дијагностициран рак на коските, пишува „Пејџ сикс“.

Џонсон имаше средба со кралицата само неколку дена пред нејзината смрт, во замокот Балморал.

„Знаев дека таа има рак на коските и нејзините лекари беа загрижени дека нејзината состојба може да се влоши во секое време“, напиша тој, а пренесе „Дејли мејл“.

Исто така, тој пишува и дека приватниот секретар на кралицата, Едвард Јанг, го предупредил дека нејзиното здравје се влошило во текот на летото.

„Изгледаше побледо и понаведнато, а рацете и зглобовите ѝ беа со темни модринки. Веројатно, од инјекции и инфузии. Но, нејзиниот ум беше целосно неоштетен од нејзината болест и одвреме-навреме, за време на нашиот разговор, таа ми ја покажа таа голема бела насмевка во нејзината ненадејна убавина што го подигнува расположението“, рече тој.

Кралицата почина два дена по нивната средба, а Џонсон вели дека кралицата цело лето знаела дека тоа ќе се случи, но дека се трудела да издржи додека не ги заврши сите должности и не е во мир. Џонсон поднесе оставка од функцијата премиер за време на нивниот состанок и беше заменет од Лиз Трас.

Лиз Трас и кралицата Елизабета Втора/ Фото EPA-EFE/Andrew Milligan / POOL

Џонсон се потсети и на последниот совет што му го дала кралицата. „Нема смисла да се биде огорчен“, му рекла таа.

„Кога сите во политиката и животот би го виделе тоа толку јасно како неа, светот ќе беше многу, многу посреќно место“, рече поранешниот премиер.

Кралскиот автор Гајлс Брандрет претходно пишуваше за гласините дека кралицата Елизабета има рак на коските, во својата книга „Елизабета: Интимен портрет“. Тој напиша дека оваа дијагноза ќе го објасни „нејзиниот замор и слабеење, како и проблемите со движењето кои ни беа спомнати во последната година од нејзиниот живот“.

Сепак, официјалната причина за смртта на кралицата беше наведена како „старост“.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот