Благоев: Не се очекуваат промени во односот на БПЦ кон МПЦ-ОА по изборот на новиот патријарх Даниил

По изборот на новиот бугарски патријарх Даниил, не се очекуваат промени во односот на Бугарската православна црква кон Македонската православна црква – Охридска архиепископија, смета верскиот аналитичар и историчар Горан Благоев во гостување во тема на денот во дневникот на ТВ Сител.

-Многу се сомневам дека Даниил ќе биде патријархот кој наскоро ќе има сослужение со г.г. Стефан, смета Благоев. Јас мислам дека побргу во таа етапа, можеби во првата година може да очекуваме да остане на статусот без промени кон МПЦ. Радосно е дека имаше нејзини претставници на интронизацијата. За жал не останаа да учествуваат во заедничката литургија. Ќе биде многу интересно бидејќи како што знаеш еден нов патријарх треба да прави мирни посети на помесните цркви, сигурно Македонската е последна на списокот, но сепак не знам и лично не сум оптимист. Имам многу надежи дека Даниил како патријарх ќе ги промени своите проруски позиции, за кои сум убеден дека како внатрешна позиција нема да ги изостави, но едвај ќе соработува и со Цариградската патријаршија, вели бугарскиот верски аналитичар.

Тој не очекува посериозни активности на Бугарската православна црква на чело со Даниил кон МПЦ, ниту некакви промени во поглед на тоа што веќе го донесе како одлука БПЦ да го признае томосот на СПЦ.

-Мислам дека нема да бидеме сведоци на некои сериозни активности во однос на МПЦ, која нема дилема, за нас Бугарите е најблиската и најбратската црква во православниот свет. Ние Бугарите многу би сакале да има такво сослужување, многу посилна соработка, но што ќе реши Светиот синод само тој знае, вели Благоев.

Бугарскиот аналитичар вели дека не треба да се очекува апсолутно ништо ниту во однос на промена на титулата на архиепископот Стефан, откако вчера на првата литургија новиот бугарски патријарх сепак остана на ставот на БПЦ да го нарекува поглаварот на МПЦ архиепископ Северномакедонски.

-Мислам дека БПЦ нема да се застапи ниту за добро ниту за лошо за Македонската архиепископја, вели Благоев.

Тој изборот на Видинскиот митрополит Даниил за бугарски патријарх го смета за изненадување во однос на другите двајца митрополити кои се најдоа во потесниот избор, бидејќи победи со многу мала разлика гласови на Црковно изборниот собор составен од 140 делегати од сите бугарски епархии. Посочи и на неговата проруска ориентација и јасно изразените проруски ставови, порадфи што стравува од тоа каков впечаток ќе остави православна Бугарија во цивилизираниот свет.

Патријаршискиот изборен црковен собор за избор на нов Бугарски патријарх се одржа изминатиот викенд на 30 јуни, во Академската сала на Бугарската академија на науките во Софија. Кандидати за Патријаршискиот престол беа митрополитот Ловчански г. Гаврил, митрополитот Видински Даниил и митрополитот Врачански Григориј. Изборот се случи во вториот круг помеѓу митрополитите Григориј и Даниил, при што за митрополит Софиски и Патријарх Бугарски беше избран Видинскиот митрополитот Даниил со 69 гласови, додека Врачанскиот митрополит Григориј имаше 66 гласа.

БПЦ ја призна одлуката на СПЦ за одобрување и упатување благослов за автокефалноста на МПЦ-ОА, но не и името. Синодот на БПЦ смета дека МПЦ-ОА треба да се нарекува „Православна црква во Република Северна Македонија”, затоа што според Статутот на БПЦ „правен наследник на Охридската архиепископија е Бугарска патријаршија”.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот