Битолската болница тврди дека родилката чие бебе почина имала неконтролирана бременост, ама гинекологот што ја водел демантира

ЈЗУ Клиничка Болница „Др. Трифун Пановски“- Битола
ЈЗУ Клиничка Болница „Др. Трифун Пановски“- Битола /Фото: Фејсбук

Клиничката болница „Трифун Пановски“ во Битола во официјален став испратен до редакцијата на „Слободен печат“ тврди дека родилката Зимбрета Тунтевска чие бебе Лука ненадејно почина во саботата – имала неконтролирана бременост.

Меѓутоа, гинекологот доктор Тони Анастасиевски за „Слободен печат“ тврди дека тоа не е вистина и дека Зимбрета барем 6 пати, во периодот од 15-тата до 35-тата гестациска недела имала редовни контроли кај него, во неговата приватна ординација.

-Бременоста ѝ е контролирана, изјави доктор Анастасиевски за „Слободен печат“.

Како што веќе објавивме, бебето Лука било родено во битолската болница во петокот, но од мистериозни причини, следниот ден починало за време на транспортот за скопската Детска Клиника.

Таткото Драгољуб Китоски за „Слободен печат“ тврди дека е лут што болницата 18 часа не ги информирала ниту него ниту неговата сопруга дека со бебето нешто не е во ред и што, за што вели дека „му ја одзеле шансата да се обиде да го спаси бебето, да го пренесе во приватна болница или во Скопје“.

Од Клиничка болница Битола за „Слободен печат“ велат дека мајката е примена во петокот, на 14 јуни и дека се жалела на болки изминатите два дена. Испратена била од матичен доктор кој дотогаш ја водел нејзината бременост а испраќањето било со цел да се породи.

 

Пациентката за прв пат се јавила на преглед при ЈЗУ Клиничка болница Битола истиот ден, ѝ бил извршен ЦТГ преглед, се покажало дека има контракции и извршен е елективен царски рез.

Пациентката боледувала од астма. На пациентката ова и е трета неуредно контролирана бременост, со претходни еден царски рез и еден спонтан абортус. Истата дава податок дека за време на бременоста посетувала два различни матични доктори и за прв пат доаѓа на Оддел за гинекологија и акушерство при ЈЗУ Клиничќка болница Битола за преглед.

Истата дава податок дека била со болки претходните два дена – што е потврдено и од страна на ЦТГ преглед – и заради таа причина матичен доктор ја упатил на преглед во Оддел за гинекологија и акушерство, велат од Клиничка болница Битола во официјално соопштение за „Слободен печат“.

Во него се додава дека во 11 часот и 43 минути со царски рез породено е машко новороденче со апгар 5,77 кое на раѓање било аспирирано и кратко реанимирано.

На оддел за неонатологија поставено е на кислородна поддршка во инкубатор за мониторирање. Неколку часа подоцна од страна на доктор неонатолог мајката е известена за состојбата на новороденчето.

Во текот на денот, состојбата на новороденото се подобрува, истото е со подобрена сатурација, везикуларно дишење, добро прима храна. Наредниот ден на 15 јуни 2024 година при утринска контрола утврдено е дека состојбата на новороденчето е непроменета.

Во 13 часот и 25 минути истиот ден, сосотојбата на новороденото нагло се влошува поради што се повикани двајцата родители да дадат писмена согласност за транспорт на новороденото бидејќи транспортот на новореденото е со висок ризик.

На двајцата родители им е објаснето дека состојбата на новороденчето е ризична. Транспортот е реализиран во најбрз можен рок. Телото на новороденото е предадено за обдукција во Одделение за патолошка анатомија со цитологија, додаваат од Клиничка болница Битола.

Причините за смртта остануваат непознати.

Бебе почина од мистериозни причини, таткото бара одговори и одговорност од битолската болница

Детска Клиника: Бебето од Битола беше донесено починато

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот