Битиќи: Заемот од Унгарија ќе донесе корозивен капитал кој има потенцијал да ја разјаде економијата и демократијата

Photo: SP / Dragan Mitreski

„Со заемот од Унгарија се внесува финансиска обврска за државата, но и корозивен капитал кој има потенцијал да ја разјаде нашата економија и демократија. Ова задолжување се случува не со цел да се развие економијата, да се создаде додадена вредност за домашните бизнис, да се зголеми нивната компетитивност и конкурентност, намерата е вгнездена надвор од економијата, во политичката сфера“ – вели во изјава за „Фронтлајн“, Фатмир Битиќи – актуелен пратеник и поранешен вицепремиер за економски прашања.

Тој потенцира дека економското разумно размислување не може да доведе до склучување на ваков договор.

– Државата се турка во ситуација кој е типична за градење на односи меѓу авторитарни држави, а тоа е инструментализирање на економски ресурси за остварување на надворешно политички цели. Проблемот е што овие цели, на кои се подредува нашата држава, отстапуваат од западните демократски вредности и принципи. Но, очигледно дека овие вредности ништо не значат за самата власт, самиот процес на задолжување го започна со погазување на нив, вон институционално, во четири очи, под превезот на тајност, договорија задолжување, вели Битиќи.

Тој додава дека се соочуваме со пошироко корозивно влијание во општеството, со институционализирање на надворешни политички влијанија и уништување на вредностите врз кои почива македонската демократија.

– Мислам дека ова е само еден мал сегмент од процесите кои отпочнаа со промената на власта, а кои водат кон надворешно политичко свртување на државата кон сфери на интереси кои се под влијание на авторитарни држави. Сериозно отстапување имаме од западноевропскиот курс, а од тоа поштетно за државата, за иднината – не постои, вели нашиот соговорник.

Според него, единствената „позитива“ (тука употребувам доза на сарказам, вели Битиќи) со овој заем е поврзана со јавниот долг: единствено тој ќе расте – што не е добро за нашата држава.

– Со ова задолжување од 500 милиони евра, се зацврсти правецот на раст на јавниот долг и негово придвижување кон 68%, но овде нема да се застане. Намерата за дополнително задолжување е веќе изразена, се најавуваше една милијарда евра, останува уште половината со која долгот ќе се зголеми на 75% од БДП, подвлече тој.

Битиќи вели дека отсуството на транспарентност е основната карактеристика на овој кредит. Тоа се препознава во сите негови сегменти, вклучително и во делот на провизии.

– Тие не ги знаеме, не се видливи, ги нема во Договорот, се кријат. Износот што го споменувате беше соопштен од собраниската говорница, но тоа ништо не значи за реалниот износ на провизијата, затоа што за неа во образложението на законот, ниту во законот, ниту во Договорот, не се зборува. Проблемот овде е што не знаеме дали се внесуваат скриени трошоци надвор од провизиите кои ќе се плаќаат, а кои ќе се реализираат преку фирма која ќе си ја избере банката. Нетранспарентноста отвора прашања кои се клучни за да ја добиеме целосната слика за овој заем. Фактот дека банката самата ќе одлучува која фирма ќе ги добие правните услуги, покажува дека ние немаме никаква контрола врз процесот. Со други зборови, државата е сведена на пасивен актер во сопственото задолжување, при што странските интереси ги диктираат условите, а македонските институции немаат можност да се вклучат активно во одбраната на нашите економски интереси, вели Битиќи во својата анализа за „Фронтлајн“ – за штетните последици за државата од унгарскиот кредит договорен меѓу премиерите Христијан Мицкоски и Виктор Орбан.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот