Бидете искрени: Начини на кои можете да му кажете на партнерот дека не доживувате оргазам

Фото: Andriy Popov / Panthermedia / Profimedia

Иако голем број жени не доживуваат редовно оргазам за време на сексот со партнерот, повеќето од нив не зборуваат за тоа, пишува „Љепота и здравље“.

Бројни студии покажаа дека повеќе од 90 отсто од мажите редовно ја достигнуваат кулминацијата за време на сексот, додека меѓу 50 и 70 отсто од жените – не. Она што обично ги тера жените да молчат за тоа е фактот што многу од нив мислат дека нешто не е во ред со нив. Стравот, срамот, необразованоста и недоволната свест и самодоверба често доведуваат до тоа жените да се согласуваат на секс без оргазам со години.

Истражувањата покажаа дека повеќето жени не доживуваат оргазам бидејќи им е потребен директен контакт со клиторисот за време на пенетрацијата. Но, дури и оние жени кои се свесни за тоа често одбиваат да разговараат за тоа со својот партнер.

Доколку сте меѓу нив, подолу ви пренесуваме три совети кои ќе ви помогнат да се ослободите и отворено да разговарате со партнерот за оргазмот.

Партнерот не може да ви ги чита мислите

Без разлика дали станува збор за секс или одење во кино, вашиот партнер не може да знае што сакате. Искреноста треба да биде основа на секоја врска, а партнерот личност која ве поддржува и не ве осудува. Бидете отворени со партнерот и кажете му дека не можете да доживеете оргазам и дојдете до заедничко решение за тој проблем. Исто така, ако знаете како можете да достигнете кулминација – не плашете се да му покажете или да му кажете на вашиот партнер.

Еднаквост постои и во креветот

Ако еднаквоста постои во другите сфери од вашиот заеднички живот, таа мора да постои за време на сексот. Сексот кој постојано завршува само со неговиот оргазам всушност не е секс. Мора да знаете дека секој заслужува оргазам и дека другата страна со ваша помош и водство мора да се потруди да го добие.

Незнаењето не е срамно

Голем број возрасни не знаат ништо за човечката анатомија. Мажите често не знаат како функционира женското тело, а понекогаш и жените не знаат. Не се срамете од незнаењето на вашето тело или она на партнерот. Заедничкото проучување може да биде одлична предигра. Истражете го вашето тело и телото на вашиот партнер, вклучете го во тоа истражување и дозволете си да станете поблиски на овој начин.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот