Базен полн со бактерии, 6 деца во трокреветна соба, дијареа и повраќање се придобивките од камп во Грција, обвинуваат родители

Од Агенцијата Вондер Супер Распуст која е посочена како организатор на кампот во Хањоти велат дека имале препорака до наставниците да не го користат базенот, а протоколите не ги почитувале дел од наставниците кои ги носеле децата на сладолед

Обично не пишувам статуси на Фејсбук, ама на ова не останав имуна. Сигурно во пријателиве има некој што ќе си го прати детето на летен камп со Вондер Супер Распуст или знае некој што ќе го направи истото, вака почнува Фејсбук статусот на Јасмина Давчевска која прави краток осврт на целото патување и престој на децата. Според неа, патувањето од Скопје до Ханиоти траело 7 часа, децата добиле сместување на 5 -6 деца во соби за тројца, за една недела било исчистено само еднаш и тоа по барање на наставник. Што се однесува до храната, основна храна биле виршли, бургери, гиро и чикен нагет во комбинација со пржени компири, немало интернет, а децата имале активности на плажа на 40 степени и се капеле во базен во кој имало бактерии.

„Слободен печат“ ја побара и втората страна, агенцијата која го организирала патувањето, Вондер Камп од каде не негираат дека имало дечиња со дијареа и повраќање, но велат дека проблеми се детектирани само кај 20 од вкупно 225 дечиња. Проблемот велат дека е во непочитување на протоколите од страна на некои наставници кои децата го носеле на сладолед и храна по различни места, а во кампот дошле на посета деца од страна кои имале слични симптоми.

 

– Сите деца конзумираат иста храна, учествуваат во истата програма, а проблемот настана кај дел од нив. Проблемот беше соодветен предизвик дури и за докторскиот тим. Веднаш е пристапено со соодветна терапија од електролити, медикаменти за поддршка на организмот, како и суплементи за зајакнување на имунитетот. Секое дете е прегледано и соодветно се дадени инструкции и медикаменти за следење на состојбата која е надмината веќе после првите 24 часа – велат од агенцијата за „Слободен печат“.

Од таму додаваат  дека децата биле сместени во хотелот „Гранд Викторија“ којшто го користат повеќе години и храната е на база на шведска маса.

– На барање на родителите, а поради разновидност на храната, се обезбедени ручеци во ресторан гиро Гари во Ханиоти (порција гиро со салата и сок за секое дете, или порција пилешко, порција суфлаки, но секогаш со соодветен гарнир и салата). Активностите на плажа се секој ден од 09.30 до 11.30 најдоцна. Во период од 12.00 до 16.00 во најтоплото децата секогаш се со препорака од лекарот на кампот и аниматорскиот тим да одморат и да бидат под сенка. Препорака да се користи базенот делумно имало секогаш и во сите хотели што ги користиме, но никогаш не сме кажале ниту пак имало во базенот бактерија. Многу гости од хотелот го користат базенот и никогаш никој не се пожалил на тегоби – велат од Агенцијата.

На тврдењето на родителите дека во трикреветна соба биле сместени по пет деца од агенцијата велат дека било по барање на дел од родителите и наставниците со цел да не се мешаат децата со други школи, или да бидат другарчињата заедно.

– Дел од групата меѓу кои 1-2 наставници не ги почитуваат правилата и на своја рака излегуваат надвор од програмата (одат на различни плажи, се хранат на дополнителни различни места, ги носат децата на сладолед и слично) и токму тука и го детектираме проблемот. Генерално тие деца беа најмногу фатени со болки во стомак и дијареа. Дополнително имаме сознание и дека вториот ден се донесени во посета и болни дечиња во кампот со исти или слични симптоми (Не се пристигнати со групата со автобус поради стомачен вирус) – велат во агенцијата.

Во статусот на мајката стои дека  третиот ден од престојот половина од децата биле со температура и повраќање, а патувањето назад од кампот до Скопје траело 7 часа

Вондер Камп Распуст оваа година и никогаш повеќе, а наредните групи нека ви е со среќа и родители добро размислете каде и со кого ги пуштате вашите деца – завршува статусот.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот