Бауш: Законот за нефер трговски практики предвидува казни за непослушните и до 20.000 евра!

Абил Бауш/фото Слободан Печат/Слободан Ѓуриќ

Со Законот за забрана на нефер трговски практики се очекува да се стави крај на нелојалната конкуренција во трговијата и да воведе ред на малопродажните цени. Првите ефекти од ова законско решение ќе се почувствуваат наесен, бидејќи производителите и трговците имаат рок од шест месеци за да ги усогласат договорите согласно обврските од оваа регулатива. Законот има за цел да стави рамки околу однесувањата кои се сметаат за нефер и потенцијално штетни за потрошувачите и чесната конкуренција на пазарот, односно да помогне во спречувањето на манипулациите со цените до одреден степен со воведување строги казни за компаниите кои ги прекршуваат правилата и до 20.000 евра. Дополнителни надлежности добива и Комисијата за заштита на конкуренцијата. Меѓутоа, ефективноста на таков закон зависи и од неговото спроведување и од способноста на регулаторните тела да го следат и санкционираат нефер однесувањето, вели економскиот аналитичар, професор Абил Бауш.

– Законот за нефер трговски практики е заснован на принципите на подобрување на регулирањето и надзорот над пазарните активности, воведувајќи мерки кои активно ги обесхрабруваат и казнуваат неетичките и нелојалните практики. Таквата рамка поттикнува компаниите да се однесуваат одговорно и да развиваат здрава конкуренција, што е клучно за стабилен и функционален пазар. Кога компаниите оперираат во рамките на овие правила, потрошувачите се корисници на повисок квалитет на производи и услуги и поправедни цени, придонесувајќи кон зголемување на општата економска благосостојба. Воведувањето и правилното спроведување на овој закон исто така и покажува на меѓународната заедница дека земјата е сериозна во намерата да создаде здрава и конкурентна бизнис-средина, зголемувајќи ја нејзината привлечност за странски инвестиции и поттикнувајќи економски раст и развој – истакнува професорот Бауш.

Од друга страна, вели Бауш, законот ги зајакнува институциите задолжени за неговото спроведување, обезбедувајќи дека агенциите за регулација и надзор се добро опремени и овластени да следат пазарни трендови, да идентификуваат и реагираат на прекршоци.

Што се однесува до инфлацијата, законите кои се борат против нефер трговски практики може да имаат индиректно влијание на инфлацијата преку промовирање на здрава конкуренција и спречување на ценовни монополи, сметаат експертите.

Со ова решение е предвидена листа на земјоделски и прехранбени производи каде рабатот ќе биде ограничен на 10 проценти и во тие рамки ќе си конкурираат меѓу себе синџирите на супермаркети што ќе влијае во намалување на цените, информираа од Министерството за економија. Листата на земјоделски и прехранбени производи треба да биде донесена во рок од три месеци од денот на стапување во сила на законот.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот