Австриската крајна десница победи на парламентарните избори, прва нивна победа по Втората светска војна

Херберт Кикл од ФПО/ Фото: EPA-EFE/FILIP SINGER

Екстремно десничарската Партија на слободата на Австрија (ФПО) победи на парламентарните избори во неделата, што е прва победа на крајната десница на австриските парламентарни избори по Втората светска војна, но неизвесно е дали ќе успее да формира владина коалиција.

Според прелиминарните резултати, ФПО освоила 29,2 отсто од гласовите, додека Австриската народна партија (ОВП) на канцеларот Карл Нехамер добила 26,5 отсто од гласовите, а централно-левичарската Социјалдемократска партија 21 отсто од гласовите, според АП.

Владата во заминување – коалиција на партијата на Нехамер и Зелените – го загуби мнозинството во долниот дом на парламентот.

Лидерот на ФПО, Хербер Кикл, поранешен министер за внатрешни работи и долгогодишен стратег, кој е на чело на партијата од 2021 година, сака да биде канцелар, но за да го стори тоа ќе треба да најде коалициски партнер за да обезбеди парламентарно мнозинство.

Сепак, лидерите на спротивставените партии најавија дека немаат намера да соработуваат со Кикл во новата влада, потсетува АП.

Ројтерс пренесува дека најверојатното партнерство на Кикл е со ОВП, која, како и тој, сака да воведе построги регулативи за миграцијата.

55-годишниот Кикл пред изборите вети дека ќе ги депортира барателите на азил и дека ќе престане да ја поддржува одбраната на Украина од Русија.

Вчера Нехамер повтори дека нема да го назначи Кикл за канцелар во коалициската влада, додека Кикл вети дека нема да ја предаде челната функција на Австриската народна партија доколку ги победи.

Тој рече дека ќе го следи политичкиот модел на унгарскиот премиер Виктор Орбан.

Во Австрија преговорите за формирање на владејачка коалиција традиционално траат со месеци, а не со недели, така што преговорите би можеле да се прошират до следната година, пишува Блумберг.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот