Атина ги носи предизвиците со Северна Македонија на Самитот на НАТО

Грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис/ Фото EPA-EFE/LUDOVIC MARIN / POOL MAXPPP OUT

Се зајакнува геополитичкиот отпечаток на Грција во источниот Медитеран, додека Атина е препознаена од сојузниците и партнерите како столб на стабилноста и безбедноста во клучниот регион на светската мапа,

„Грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис веќе се подготвува за службеното патување во Вашингтон на почетокот на идната недела каде ќе присуствува на Самитот на НАТО кој се совпаѓа со 75-годишнината од основањето на Алијансата. Самитот се одвива во време на интензивни воени дејства во Украина и на Блискиот Исток и овие настани во многу голема мера ја диктираат агендата на дискусиите што лидерите ќе ги водат во главниот град на Соединетите Американски Држави. Во исто време интересот во однос на Балканот се свртува кон фактот дека Самитот ќе биде сцена на првото заедничко присуство на грчкиот премиер со колегата од Северна Македонија, по изборите и политичката промена во соседната земја“, пишува денеска грчки Капитал.

Весникот ја цитира изјавата на премиерот Христијан Мицкоски: „Навикнат сум на понижувања и навреди, така е цел живот, но некако секогаш победувам на крајот. Ќе видиме како ќе биде во овој случај… Жал ми е што не гледаат промена на политиката овде“, за да го потенцира непопустливиот однос на македонските власти.

– Кај нас, во владата на Македонија, поминаа времињата на политичари со свиткана кичма, на политичари кои се понижуваат, на политичари кои се подготвени да потпишат сè, но не и да ги штитат интересите на македонските граѓани – изјави Мицкоски вчера пред новинарите.

На дваесет и четири часа пред Самитот на НАТО, тој говореше и за соседите.

– Тие мора да се навикнат на политичарите кои се тука за да ги штитат интересите на граѓаните, да работат за доброто на државата, за иднината, а ние сме подготвени да градиме односи на добрососедство со сите… Ние сме мирна, мала нација, една од најмалите на Балканот, подготвени сме да соработуваме со секого, а соработката ја гледаме како двонасочна улица. Тоа не може да биде еднонасочна улица. На 8 мај завршија времињата што соработката со македонските политичари ја гледаа како еднонасочна улица – кажа  Мицкоски.

Мицотакис пак, кој веќе ги информираше своите колеги во контекст на неодамнешниот Европски совет за тоа што се случува во Северна Македонија и за фактот дека нејзиното политичко раководство директно го прекршува Договорот од Преспа, игнорирајќи ја во пракса ерга омнес, побрза да изјави дека Христијан Мицкоски ќе се најде во многу непријатна позиција во рамките на Самитот на НАТО доколку опстојува на оваа реторика.

– Ќе го покренам прашањето и мислам дека ќе имам многу сојузници во овие напори. Скопје мора да разбере дека не може да си игра со Атина за такво прашање. Затоа што ако земјата бараше двојно име, ова прашање ќе беше затворено пред многу години. Скопје влезе во НАТО токму преку договор, со своите проблеми, кој сепак обезбеди едно име над сите. И ако ова се доведе во прашање, тогаш Северна Македонија ќе знае дека ќе има големи проблеми, не само во билатералните односи со Грција, туку и во односите во НАТО и со Европската Унија, каде очекува во одреден момент да стане членка – истакна Мицотакис во неодамнешно интервју.

Атина со сите тонови прокламира дека меѓународното право е основата на меѓународната безбедносна архитектура, пишува Капитал и го цитира грчкиот премиер.

– Апсолутно јасно ставив до знаење дека доколку Скопје инсистира на оваа линија, тоа во суштина ќе го отежни секој процес на непосредна конвергенција со европското семејство. Така што мислам дека секој треба да ги сфати последиците од своите постапки и да знае дека почитувањето на европското законодавство оди, очигледно, преку верното почитување на меѓународните договори што се потпишани, во овој случај, од двете страни – нагласи Мицотакис на Самитот „27“ во Брисел.

Весникот ја цитира и изјавата на шефот на грчката дипломатија и неговите пораки кон северниот сосед.

– Кога би можеле да одбереме некои одредби од договорите, а некои да ги оставиме нефункционални, тогаш очигледно, нема да има никаков вид меѓународно право или меѓународна заедница. Мораме да се придржуваме до меѓународните договори. Имавме сериозни грижи. Нашата партија како опозиција јасно реагираше на Договорот од Преспа и уште од рана фаза укажавме дека има некои „сиви“ прашања во Договорот од Преспа –  истакна Јоргос Герапетритис од говорницата на форумот „Економист“.

– Навреме констатиравме дека од моментот кога ќе има ратификација на договорот, тогаш нема враќање назад и мора целосно да го почитуваме. Тоа е она што навистина го бараме од Северна Македонија и веруваме дека меѓународната заедница е јасно на наша страна. Постојат три услови за европската перспектива да оди напред: прво, европското законодавство. Второ, меѓународното право и меѓународните договори и трето, демократијата и владеењето на правото. Не може да има попусти за овие прашања – додаде шефот на дипломатијата.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот