Асанж: Бев наивен што верував во законот, кога во прашање е сила, законите се само парче хартија

Џулијан Асанж во Советот на Европа во Стразбур/Фото: EPA-EFE/CHRISTOPHE PETIT TESSON

Џулијан Асанж денеска присуствуваше на парламентарното сослушување во Стразбур, каде што се разгледуваше неговиот притвор и пресуда како и застрашувачки ефект врз човековите права, пред целосната пленарна дебата на оваа тема на Парламентарното собрание на Советот на Европа (PACE) закажана за утре.

Асанж имаше воведно излагање и одговараше на прашања за кршењето на неговите човекови права во текот на постапките, за заканите за екстрадиција во САД, за новинарската работа поради која беше прогонет и за борбата за правото на јавноста да биде информирана, додека за новинарите рече дека мора да бидат активисти за вистината, да се залагаат едни за други за да може вистината да излезе на виделина.

Австралијанскиот новинар во 2006 година го основаше порталот Викиликс, каде во 2010 година објави серија протекувања од Челзи Менинг, разузнавачка аналитичарка на Армијата на Соединетите Држави, снимка од воздушен напад на САД во Багдад, дневници на американската војска од војните во Авганистан и Ирак, дипломатски телеграми на САД и други доверливи документи. Таа година почна и неговиот прогон и голгота откако Шведска издаде Европски налог за негова екстрадиција и траеше до јуни годинава кога, Асанж се договори со американските обвинители да признае вина по обвинението од Законот за шпионажа и за заговор за добивање и откривање на доверливи документи на национална одбрана на САД во замена за отслужена казна. По сослушувањето, Асанж конечно се врати во Австралија по 14 години.

На прашањето колку долга може да биде раката на американскиот правосуден систем дури и во Европа, и дали бил свесен колку малку се заштитени неговите основни граѓански права, како и правата на новинар, дури и во Европа, и за тоа како неговиот случај ќе има влијание врз новинарството Асанж одговори:

– Ние изведовме законска анализа за да разбереме кои се предностите и ограничувањата во Европа за објавување на документи од голем број различни земји, вклучувајќи ги и САД. Јасно ни беше дека теоретски член 10 треба да ги заштити новинарите во Европа. Слично на тоа, гледајќи ги американските амандмани во Уставот и фактот дека ниту еден издавач не бил казнет за објавување на доверливи документи од САД, и надвор и во САД, очекував некакво малтерирање, законски процес и бев подготвен за тоа. Верував дека заради вредноста на овие документи вреди таква битка и дека ние ќе победиме бидејќи ние знаевме што беше законски можно. Бев наивен што верував во законот. Кога силата настапува, законите се само парче хартија и може да се реинтерпретираат за политички цели. Тоа се правила создадени од владејачката класа пошироко и ако тие правила не им одговараат за тоа што сакаат да го направат, ќе ги реинтерпретираат или пак ќе ги сменат, што е пак појасно, рече Асанж.

Тој се осврна и на американскиот устав кој бил поинаку интерпретиран во неговиот случај поради што тој стана најбаран човек, осомничен за шпионажа и издавање на американските воени тајни.

– Во случајот со САД ние налутивме еден од уставните столбови на САД, разузнавачкиот сектор, безбедноста на државата и тајноста. Беше доволно моќно за да се спроведе реинтерпретација на Уставот на САД. Мене првиот амандман од Уставот на САД ми личи доволно црно – бело. Многу е краток и вели дека Конгресот нема да прави никаков закон со кој ќе се ограничи говорот или печатот, но се случија преседани и можеби ако дојдевме до Врховниот суд на САД и ако уште бев жив дотогаш во тој систем можеби ќе победев, зависно од шминката на американскиот Врховен суд. Но во меѓувреме загубив 14 години на домашен притвор во амбасади под опсади и мислам дека ова е важна лекција. Кога голема сила сака да го реинтерпретира законот, може да го поттикне државниот елемент, во случајот Министерството за правда да го направи тоа и многу не се интересира за тоа што е законско, тоа го остава за подоцна. Во меѓувреме застрашувачкиот ефект што го бара, повлекување од дејствијата што ги бара, ќе имаат свој ефект, нагласи Асанж.

„Се изјаснив за виновен што се занимавам со новинарство. На крајот ја избрав слободата наместо недостижна правда“, резимираше Асанж (53) во своето прво јавно обраќање по ослободувањето од затвор.

Денешната расправа е организирана од страна на Комисија за правни прашања и човекови права на Советот на Европа во рамките на извештајот поднесен на оваа тема од исландската политичарка и новинарка. Во неодамнешната нацрт-резолуција, заснована на нејзиниот извештај, Комитетот изрази длабока загриженост за суровиот третман на Асанж, предупреди на неговиот „застрашувачки ефект“ и ги повика Соединетите Држави, земја набљудувач на Советот на Европа, да ги истражат наводните воени злосторства и кршење на човековите права откриени од него и од Викиликс.

Комитетот рече дека смета дека „несразмерно тешките обвиненија“ поднесени против него од страна на американските власти, како и високите казни предвидени со Законот за шпионажа за ангажирање во новинарски дела, спаѓаат во условите наведени во резолуцијата на Собранието од 2012 година како дефиницијата за политички затвореник.

Утре Парламентарното собрание – кое ги собира парламентарците од 46-те земји членки на Советот на Европа – треба да расправа и да гласа за нацрт-резолуцијата на комитетот.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот