„Арбериа дизајн“ пак ќе ја организира прославата на Рамковниот, а „Скопје филм Студио“ Илинден, 8 Септември…

Вицепремиерот Артан Груби / Фото: Министерство за политички систем и односи меѓу заедниците
Вицепремиерот Артан Груби / Фото: Министерство за политички систем и односи меѓу заедниците

Традицијата продолжува, фирмата „Скопје филм Студио“ ги доби тендерите за организација на четирите државни празници до крајот на годинава, а тетовската фирма „Арбериа дизајн“ ќе ја организира прославата на годишнината од Охридскиот рамковен договор и, како и на Денот на албанската азбука.

Според договорот што е објавен од Бирото за јавни набавки „Скопје филм Студио“ која била единствен понудувач на огласот, ќе добие околу половина милион евра за организација на прославата на утрешниот празник 2 Август – Денот на Републиката, како и за 8 Септември – Денот на независноста, 11 Октомври – Денот на народното востание и за 8 Декември – Ден на Св. Климент Охридски.

Според договорот, фирмата ќе добие околу 350 илјади евра за „осмислување и реализација на активности кои ќе обезбедат креативна, продукциска, техничка и организациска поддршка за реализација на настани за одбележување“ на овие четири празници и уште околу 150 илјади евра за настан во врска со регионалната иницијатива Отворен Балкан.

И ако оваа фирма е „резервирана“ за организирање на прослави на повеќето државни празници, фирмата „Арбериа дизајн“ е изборот на Министерство за политички систем и односи меѓу заедниците на првиот вицепремиер Артан Груби за организирање на 22-годишнината од Охридскиот рамковен договор на 13 август, која патем е и единствен понудувач исто како и лани.

Бирото за јавни набавки објави дека за хотелски и угостителски услуги, како и за креатива, тетовската фирма ќе добие околу 100.000 евра за два договора од еден ист оглас. Првиот е за услуги најмногу до 4.200.000 денари или 70.000 евра и се однесува главно на обезбедување хотелски, кетеринг и услуги поврзани со опрема за органирање настани, а вториот за услуги до 1.800.000 денари, односно околу 30.000 евра за логистичка и креативна поддршка. Во понудата која што е составен дел од вториот договор, „Арбериа дизајн“ ќе добие околу 5.000 евра за концепт за организирање на настан за 22-годишнината од Рамковниот договор, а слична сума ќе добие и за „стихотворба од реномиран поет, музички аранжман и аудиозапис на песна“ по повод годишнината. За продукција на спот за песната се предвидени околу 4.000 евра, додека за аудио-визулен спот за постигнувањата на Охридскиот договор се одвоени околу 6.000 евра.

Инаку, „Арбериа дизајн“ лани го доби тендерот за печатење на свидетелствата вреден 130.000 евра, а меѓу другите годинава ги организираше и настаните за ставање камен темелник на автопатите од коридорите 8 и 10д во Тетово и Прилеп.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот