Апсолутно сметам дека наставниците треба да имаат повисоки плати, но сега нема пари, вели Јаневска

Министерката за образование и наука, Весна Јаневска, во вечерашното интервју за „Телма“, во врска со барањата на наставниците за покачување на платите, рече дека „апсолутно смета дека треба да имаат повисоки плати и ќе имаат повисоки плати“. „Покачувањето на нивните плати не е во проблем, проблемот е што нема средства во буџетот, а сите останати ресори исто така бараат покачувања на нивните плати“, вели министерката.

„Не станува збор дека нема да имаат повисоки плати, но ако вие имате три денари, можете ли од нив да направите шест? И здравствените работници сакаат повисоки плати, и администрацијата сака повисоки плати. Јас се сметам себе за многу информирана личност, а кога дојдов во министерството сфатив дека луѓе работат за 27.000 денари, со години, рече Јаневска.

Министерката најави дека под нејзино раководство на образовниот сектор, нема комплетно да се менува досегашната концепција во образованието, туку „ќе се задржат елементите кои се добри, а ќе се променат само оние за кои добиле таква препорака од релевантни фактори“. Паралелно со ова, Јаневска најави и реформи на високообразовните институции во кои се обучува наставниот кадар.

„Процесот на обуки на наставниците ќе мора да се одвива, но ќе мора и паралелно да се одвива процесот на реформа на наставничките факултети, затоа што наставничките факултети, барем досега, не направија кадар кој ќе произведе ученици кои нема да бидат последни на ПИСА. Разговаравме со Бирото за развој на образование, да го промени регистарот на обуки кои наставниците не ги сметаат веќе интересни, да воведеме нов тип на обуки, кои ќе бидат по интересни, по соодветни за новото време, но и секако да размислиме кој тоа треба да ги спроведува тие обуки, затоа што наставниците сами кажуваат дека одредени провајдери не си ја извршуваат улогата така како што се очекува од нив. И тоа е нешто што во моментов го решаваме“, рече Јаневска.

Според министерката, причините за слабите резултати на ПИСА-тестирањата се многубројни – од социјалните прилики на семејствата, до начинот на кој родителите и наставниците ги воспитуваат децата.

„Многу се факторите – социјалната положба на родителите, образованието, начинот на кој родителите и наставниците ги воспитуваат децата, и можно е во источниот дел на Македонија да се зачувани одредени традиционални однесувања на почит кон наставникот. Затоа што сите велат, вклучувајќи ги и родителите и наставниците, а и ние тоа можеме секојдневно да го видиме, дека се изгуби воспитната компонента во образованието, па децата не ни се однесуваат онака како што ние би сакале да се однесуваат. Се разбира дека ние не можеме да ги вкалапиме сите деца, но можеме да се трудиме да ги воспитуваме“, рече министерката.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот