Анима Мунди: Насилникот кој фрлаше кучиња во река живее во Данска, дали и таму би го сторил истото дело?

Фото: Принтскрин, Анима Мунди

Знае ли како ќе заврши за вакво дело во Данска? Негова голема среќа е што делото го направил овде, а не во Данска, каде што не би излегол од затвор со години и би добил трајна забрана за чување на животно, додаваат од Анима Мунди

Здружението за заштита на животните „Анима Мунди“ бара најстрога кривична одговорност за лицето кое од чиста забава пред деца фрлаше кучиња во река, прикажувајќи го целиот акт како забава, во живо на социјалните мрежи. Од Здружението велат дека лицето Б.В. кое било приведено за инцидентот е од Неготинско, но живее во Данска и прашуваат дали знае како би завршил таму, доколку го стори истото дело?

– Ова е сликовит пример на психолошка девијација и насилство врз животните – две мали кутриња кои претходно доаѓаат да се галат и мавтаат со опаш, за потоа со умисла на возрасно лице завршат со сета сила фрлени во река – додека мали деца се радуваат сметајќи ја случката за забавна, барајќи и тие да учествуваат да го сторат истото. Лицето Б. В. со веќе пријавен идентитет во полиција кој по информации кои ги добивме е од Неготинско а живее во Данска, сакаме да одговора најстрого, согласно Кривичен закон и биде пример кој не смее никогаш да не се повтори и помине неказнето. Знае ли како ќе заврши за вакво дело во Данска? Негова голема среќа е што делото го направил овде, а не во Данска каде што не би излегол со години од затвор и би добил трајна забрана за чување на животно, додаваат од Анима Мунди.

Од Здружението побараа од Министерството за внатрешни работи и од министерот Панче Тошковски итно да има измени на Кривичниот закон и засилување на казните, како и внес на дополнителни прецизни одредби.

– Така, наместо досегашните, бараме две годишна затворска казна за предизвикување на непотребна болка на животно, или нивно изложување на непотребно страдање, убивање и суровост. Бараме задолжителна затворска казна за организација и учество на кучиња во борби, регистар за ваквите лица, како и трајна забрана за понатамошно чување на куче. Бараме, по примерот на Република Хрватска, да се пропише кривична одговорност за напуштање на миленик. На овој начин од 2024 година во Хрватска, доколку напуштањето предизвикало смрт на животно или биле напуштени поголем број животни, сторителот ќе се казни со затвор до две години. Ова е повеќе од потребно и во Македонија, се потенцира во соопштението.

Во држава каде што бездомни животни се колат, бесат, фрлаат од зграда, каде кучиња се одгледуваат за да се борат во борби од кои излез речиси да нема, каде монструозни форми на садизам се секојдневие, од Анима Мунди велат дека стојат на располагање за конкретна работа на законот и предлог измени согласно законските регулативи во ЕУ.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот