Ангажираните уметнички концепти на Лиа и Дан Пержовски се претставени во МСУ

Кураторката Мира Гаќина и уметниците Дан и Лиа Пержовски

Реномираните уметници Дан и Лиа Пержовски со специфичен уметнички концепт се претставуваат во Музејот на современата уметност (МСУ) во Скопје. Изложбата беше отворена на 26 септември, а кураторка на проектот е Мира Гаќина.

Дан Пержовски, чие изразно средство е цртежот, се претставува со проектот „Обновени вести“ (ReNews), фокусиран на актуелните општествени и политички настани преку оригинална визуелна перспектива. Проектот вклучува компоненти, како што се стрипови, колажи и слики кои на интензивен начин ја истражуваат и визуелизираат комплексноста на современата политика и општество.

Дан Пержовски се фокусира на тоа како медиумите и информациите влијаат на нашето разбирање на светот, и „Обновени вести“ е негов обид да ги истражи и предизвика традиционалните наративи и начин на известување. Со тоа, ги поттикнува гледачите да размислуваат за информираноста, пропагандата и моќта на медиумите.

– Моите цртежи се инспирирани од медиумите, особено од печатените медиуми. И многу често преку цртежот ја визуализирам сржта, она што е нагласено во информацијата. Теми како војна, емигрантски кризи, богати наспроти сиромашни… се теми што постојано се повторуваат во различни околности – објасни Дан Пержовски.

Лиа и Дан Пержовски во МСУ

Лиа Пержовски е истражувачка, уредничка и концептуална уметница која се претставува со проектот „Сет за преживување (избор од Музејот на знаењето)“ во кој истражува концепти поврзани со знаењето, образованието и социјалните структури преку серија интерактивни и концептуални дела.

Проектот вклучува различни медиуми и формати, како графики, објекти и документи. Оваа селекција е изработена како обид да се создаде едукативен ресурс, кој преку визуелната уметност ги истражува и предизвикува размислување за историјата, културата и секојдневниот живот.

– Во мојот изложбен простор креирав две институции, архива од современата уметност и музеј на знаењето. Денес светот живее во хибридна војна, освен воените жаришта, тука се и пандемиите, глобалното затоплување… Затоа изложив објекти – неопходен сет за камуфлажа и преживување. Но, она што им е најмногу потребно на луѓето денес е знаењето. Земјите се менуваат многу брзо, затоа треба да бидеме адаптибилни и покреативни. Во рамките на изложбата направив и времеплов на уметноста од нејзините почетоци до денес. Изложбата е повеќеслојна и, покрај уметноста и знаењето, се занимава и со аспектите што го градат идентитетот на еден човек – посочува Лиа Пержовски.

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 249, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 28-29.09.2024)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот